1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осигурување од хакерски напади

Клаус Јансен / Александар Методијев16 јули 2013

По објавите на Едвард Сноуден сите повторно зборуваат за компјутерската безбедност. Една германска осигурителна компанија трие раце, оти доби бесплатна реклама за „сајбер-осигурувањето“ кое го нуди.

https://p.dw.com/p/197zs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Едноставно тоа беше случајност, нагласува Хармут Мај. Кратко по објавите на Едвард Сноуден осигурителната компанија „Алијанц глобал корпорејт енд спешиалити“ (АГЦС) на пазарот понуди тематски соодветен осигурителен пакет. Оваа широко распространета дискусија на осигурителната компанија и’ дојде во вистинско време.

„На тоа не можеше да се смета, но за нас ова е добра можност“, вели за Дојче веле Хартмут Мај, член на управниот одбор на Алијанц груп.

Пакетот на групацијата Алијанц е повеќеслоен и покрива различни ризици за компаниите. Што би се случило доколку хакерски напад повеќе денови го запре производството? Што ќе се случи ако се наруши угледот на фирмата? Во вакви и слични случаи осигурувањето ќе покрие дел од загубите.

Голем растечки пазар

Оваа идеја не е сосема нова. Во САД фирмите склучуваат вакви сајбер-осигурувања многу почесто, а осигурениците таму годишно уплаќаат по речиси една милијарда евра. Во Европа и Германија пазарот „се’ уште не е развиен“, вели Мартин Елинг од Институтот за осигурителна економија во Сент Гален во Швајцарија. Тој смета дека исто така и во Европа постои таква потреба, бидејќи „постојат многу впечатливи примери на сајбер-ризици“.

Martin Eling Institut für Versicherungswirtschaft der Universität St. Gallen
Мартин Елинг е член на Институтот за осигурителна економија во Сент Гален во ШвајцаријаФотографија: Universität St.Gallen
Symbolbild Logo Sony will 10.000 Arbeisplätze streichen
Сони во 2011 година претрпе големи штети на имиџот поради хакерски нападФотографија: picture alliance/dpa

Не покажа само Едвард Сноуден дека безбедноста на компјутерските системи често е полна со дупки како швајцарско сирење. „Сони“, на пример, мораше да се справи со безбедносен проблем во играчката конзола „Плејстејшн 3“, која беше поврзана на интернет, па така во 2011 година хакерите го нападнаа онлајн порталот на Сони и имаа увид во мноштво лични податоци, меѓу кои и броеви на кредитни картички. Овој сензационален случај му нанесе голема штета на имиџот на Сони.

Таквата штета е тешко да се процени, но и да се исплати, смета Хартмут Мај од групацијата „Алијанц“. Горната граница која може да биде исплатена од пакетот „Сајбер протект“ изнесува 50 милиони евра, што во еден ваков случај би било брзо надминато. Во дел од осигурувањето спаѓа и тоа што специјалисти за односи со јавност ќе бидат ангажирани за да ги поправат штетите на имиџот.

Бројни можни штети

Но, не секогаш компјутерските штети мораат да бидат толку спектакуларни како во случајот на Сони. Новото осигурување на групацијата Алијанц се грижи и за штетите настанати од невнимание, „на пример, ако лошо обучен работник предизвика системска грешка“, објаснува Хармут Мај во разговорот за Дојче веле.

Ако со денови или недели не може да се произведува во фирмата, тогаш и тоа е покриено со осигурителната полиса. Друг пример е кога претприемачот своите значајни податоци ги чува во т.н. клауд (надворешна меморија, н.з.), односно на компјутер на странски провајдер, и ако не постои пристап до нив поради хакерски напад, тогаш експертите од Алијанц ја преземаат одговорноста. Осигурувањето помага и во случај на нанесена штета во странство поради повреда на авторските и пазарните права, како и при протекување на податоци од една фирма, при што државните органи бараат спроведување на внатрешна истрага, која често е поврзана со високи трошоци.

Hartmut Mai Vorstandsmitglied der Allianz Global Corporate & Specialty
Хартмут Мај, член на управниот одбор на Алијанц групФотографија: AGCS

Висината на сумата која фирмата треба да ја плати на осигурителната куќа е различна, во зависност од браншата и големината на компанијата. „Алијанц“ не ги сака сите компании како клиенти, посебно не оние со голем проток на податоци, кои со самото тоа се високоризични. Досега ниту една банка не станала клиент на Алијанц со вакво осигурување, а приватните лица не можат користат ваква осигурителна полиса. Алијанц планира наскоро ваквите свои услуги да ги понуди и во останатите европски земји, но и во Азија, Нов Зеланд и Австралија.