1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Пропаганда за Орбан - гратис и во булеварска наметка

Штефан Ошват
1 јуни 2021

Една година пред парламентарните избори во Унгарија еден неделник ја рекламира владата на Орбан и ја напаѓа опозицијата. Тој се дели онаму каде што партијата на премиерот стои слабо или каде што на власт е опозицијата.

https://p.dw.com/p/3uHQp
Screenshot City7
Насловна страница на бесплатниот унгарски неделник „City7“Фотографија: City7

Во унгарската провинција изборната кампања е веќе почната, цела година пред парламентарните избори. „Левицата на страна на вирусот“, стоеше во март во наслов во неделникот „City7“, во изданието наменето за северноунгарскиот град Мишколц. Покрај насловот и фотографија на социјалистичкиот екс-премиер Ференц Ѓурчани.

Изданието на „City7“ за јужноунгарскиот град Печ на заб го зема „зелениот“ градоначалник на Будимпешта: „Карачони за премиер. Сериозно?“. Со тоа се сее сомнеж во заедничкиот кандидат на опозицијата за парламентарните избори 2022.

Ungarn Bürgermeister von Budapest Gergely Karácsony
Градоначалникот на Будимпешта, Гергели Карачони е „на заб“ на „City7“Фотографија: Felix Schlagwein/DW

Меѓу крстозборките, девојките во бикини, советите за слабеење од познати личности, хороскопите и автомобилските тестови, читателите се подложуваат на промена на чувства. Во куси текстови на 24 страници им се нуди девалвирање на опозициските политичари покрај славење на владата (Виктор Орбан: „Уште во мај успеавме да вакцинираме пет милиони луѓе“, или „Изгледите се сѐ подобри“).

„Опозицијата се обвинува за тоа што вирусот во Унгарија толку се раширил и бројот на починати е толку висок“, ја објаснува за ДВ целта на „City7“, Даниел Салај, главен уредник на независната медиумска мрежа media1.hu . Со тоа владата на Орбан сака да го оттргне вниманието од својата Ахилова пета, смета тој: „Според нашите истражувања, луѓето се незадоволни од состојбата на здравствениот систем“, се согласува и Андрас Биро-Наги, директор на тинк тенкот „Policy Solutions“ од Будимпешта.

Повеќе:

Виктор Орбан и „корона–кампањата на смртта“

Унгарија: Синофарм и Спутник наместо ЕУ-вакцините

Унгарија е европски првак во вакцинирање, но има експлозија и на смртните случаи - од Ковид-19 починале речиси 30.000 граѓани (состојба на крајот на мај), што споредено со вкупниот број на жители во земјата е многу висока стапка. Затоа владата на Орбан многу рано и без дозвола од ЕУ даде зелено светло за вакцинирање со руски и кинески вакцини.

„Ако јас го преживеам ова, ќе преживеете и вие“, можеа да прочитаат читателите на „City7“ во западноунгарскиот град Залаегерсег. Цитатот е од Норберт Шоберт, фитнес-гуру кој се вакцинираше со кинеската вакцина Синофарм.

Ungarn | Coronavirus | Ankunft Impfstoff Sinopharm in Budapest
Вакцини Синофарм пристигнуваат на аеродром во БудимпештаФотографија: Zoltan Mathe/AP Photo/picture alliance

Пораки за провинцијата која ѝ врти грб на власта

„City7“ излегува во десетина провинциски градови, а под името „Hír8“ и во Будимпешта. Колку е голем тиражот и според кои критериуми се бираат локалните изданија? Одговори на овие прашања на ДВ нема. Медиумскиот концерн Медијаворкс молчи.

На медиумскиот експерт Даниел Салај, меѓутоа, му е позната шемата: „Гратис-неделникот се издава во градовите каде Фидес на локалните избори во 2019 година постигна лоши резултати, или каде што владеачката партија сега има лоши резултати во анкетите“, оценува тој.

Dániel Szalay
Даниел Салај, главен уредник на „Media1.hu“Фотографија: Budapest Headshot

Пропаганда

Издавач на „City7“ е холдингот Медијаворкс Зрт., кој издава регионални весници и располага со сопствена дистрибутивна мрежа. Медијаворкс, порано во сопственост на Орбановиот пријател од младоста Лоринц Месарош, е дел од групата од околу 500 медиумски компании блиски до власта, кои се под капата на Централноевропската фондација за печат и медиуми КЕСМА. „Целта на весникот е јасна - ширење пропаганда“, оценува Салај.

„City7 едноставно доаѓа во поштенското сандаче“, го објаснува Ервин Гит начинот на дистрибуција. Според кои критериуми се дели овој бесплатен неделник Ервин Гит не знае. „Јас лично сѐ уште не сум добил City7“, вели овој новинар во независниот онлајн-медиум во Печ, „Сабад Печ“.

Повеќе:

Орбановите војници на социјалните мрежи

Илјадници Унгарци на протест за слобода на медиумите

Сепак, тој го има прочитано „City7“. Го добил од познаници и го опишува како еден вид „владина пропаганда разводнета во булеварски информации“. Шарениот весник го прават редакции кои продуцираат и други регионални весници на Медијаворкс. „Од импресумот може да се види дека новинарите кои го прават City7 работат и во други регионални весници“, вели Гит.

Ervin Güth
Ервин Гит: „City7“ едноставно доаѓа во поштенското сандачеФотографија: Zoltán Kiss

Јасна политичка ориентација

Владините пораки под наметка на жолтиот печат го потсетуваат новинарот од Печ на кампањата 2005/2006 година и весникот со краток век „Маѓар Висла“, кој беше лиферуван од страна на унгарската пошта во милионски тираж и кој ја нападна владата на Ѓурчани. Ова „Издание на Фидес во кампањата“ било слично скроено како актуелниот неделник: „Булевар, таблоид-формат, гратис и со јасна политичка ориентација“, вели Гит.

Сепак, тој не верува дека City7 ќе биде успешен, со оглед на тоа што сите регионални весници блиски до владата се борат со намалени тиражи. Според податоците на МАТЕСЗ, надзорно тело за дистрибуција, регионалните весници на Медијаворкс во последните две години загубиле 72.000 читатели. „Со кого и да разговарам надвор од мојот новинарски круг, дури и познаници кои се за Фидес, не им се допаѓаат (регионалните весници. н.н.)“, вели Гит.