„Операцијата Коперник“ во Каталонија завршува
27 декември 2017Припадниците на Гвардиа Цивил и Полициа Национал, кои беа испратени кон крајот на септември, треба постепено да се повлечат до наредната сабота, објави Министерството за внатрешни работи во Мадрид. , Повлекувањето започна вчера
Во рамките на таканаречената „Операција Коперник“, шпанската централна влада испрати илјадници припадници на двете државни полициски единици во Каталонија. Колку точно полицајци беа испратени во Каталонија не беше официјално објавено. Меѓутоа, во извештаите во медиумите се говори за 4.000 до 10.000 полицајци. Каталонија има свои безбедносни сили, Мосос д'Есквадра. Гвардиа Цивил и Полисиа Насионал нормално играат само маргинална улога во регионот.
Повеќе на темата:
-Шпанскиот крал: Не смее да има нови конфронтации
-Шлаканица за Шпанија: Сепаратистите во Каталонија го одбранија апсолутното мнозинство
-Каталонија: Наредната катастрофа е гарантирана?
Жестока полициска реакција
Со засилувањето на полицијата Мадрид пред сѐ сакаше да го спречи одржувањето на референдумот за независност закажан за 1-ви октомври од страна на регионалната влада во Барселона. Полицијата ги затвораше избирачките места, ги конфискуваше гласачките ливчиња и ги спречуваше луѓето, меѓу другото и со палки и гумени куршуми, да го дадат својот глас.
Но, и покрај полициската операција и судската забрана, милиони луѓе - повеќето од нив поддржувачи на сепаратистите - учествуваа на референдумот. Конечно, откако регионалниот парламент прогласи независност на Каталонија врз основа на референдумот, шпанската централна влада презеде директна контрола врз покраината на крајот на октомври и ја суспендираше администрацијата на регионалниот претседател Карлес Пуџдемон.
Под притисок на временскиот рок
Но и новите избори за регионалниот парламент, распишани од централната влада во Мадрид не донесоа решение за каталонската криза, со оглед дека на гласањето на 21 декември повторно победи таборот на поддржувачите на независноста.
Меѓутоа, сѐ уште е под прашање, дали сепаратистите ќе можат да се согласат за формирањето на новата регионална влада. Делумно, постојат големи разлики во мислењата меѓу нив, а згора на тоа имаат и „кадровски проблеми“: по неговото разрешување од функцијата, Пуџдемон пребега во Белгија за да избегне апсење. Доколку се врати во Каталонија му се заканува долга затворска казна. Неговиот поранешен заменик Ориол Жункерас е во притвор. Ако не може да се формира нова влада до определениот рок до средината на април, кон крајот на мај или почетокот на јуни, повторно би требало да се одржат избори.