1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни врски меѓу политиката и подземјето?!

Катерина Блажевска 28 јули 2015

Класична пресметка, крвна одмазда или обид за минирање на политичкиот договор - е прашањето без одговор и со многу шпекулации, по неодамнешните убиства во Куманово и Струга.

https://p.dw.com/p/1G5ba
Фотографија: Karen Bleier/AFP/Getty Images

Опасни врски меѓу политички елити и од нив раководеното подземје се закануваат да ги нарушат условите во кои треба да се спроведе договорот од 15 јуни за излез од кризата, со настани кои ќе го дефокусираат вниманието од таа цел, тврдат за Дојче веле, поранешни безбедносни функционери. Според нив, школски пример за таквите обиди се токму случаите на неодамнешните убиства во Куманово и Струга, без оглед каква мотивација се поврзува со нив.

„Практиката покажува дека секогаш кога центри на моќ ќе оценат дека во одреден момент им треба одлагање на одреден процес или решение, индиректно мотивираат лица кои ги имаат под своја контрола и 'им стојат на располагање' за извршување нелегални активности, со цел да го свртат вниманието во друг правец и да ја пренасочат енергијата во насока во која тие сакаат, а не во процеси кон кои тежнее општеството. Практиката изобилува со такви примери, типични за земји во бавна транзиција, на системска крстосница или во клучни политички моменти“, објаснува нашиот соговорник.

Правила“ на џунглата

Аналитичари со кои разговараше ДВ не ги отфрлат ваквите оценки. Но, додаваат дека состојбата е уште покомплексна, бидејќи во неа се преплетуваат и внатрепартиски несогласувања, долгогодишно туркање на проблемите под тепих, лични амбиции и лукративни интереси. Иако жртвите од Куманово и Струга се спомнуваат како членови на ДУИ, во партијата има различни интерпретации на тој податок.

Според аналитичарот Сефер Тахири, убиствата се со различни мотиви, но покажуваат и докажуваат дека политичката сцена во Македонија се‘ уште е агресивна и насилна, што е резултат на недостигот од внатрешната демократија и политичка култура, во случајов во ДУИ.

„Во Куманово се докажа дека кога се однесува на изборот на локалните водачи демократијата во ДУИ не фунционира и се наметнуваат решенија и одлуки 'од горе' кон базата, арбитрарни одлуки кои имаат и трагичен крај. Додека настанот во Куманово ДУИ се обидува да го менаџира со молк, за настанот во Струга се обидува со дистанцирање од нејзиниот кадар, заменик-директорот на УЈП, Аргетим Aсани, што е најлоша можна стратегија од аспект на политичка комуникација. Одговорноста за убиствата лежи кај партиското водство на ДУИ и кај конкретни луѓе одговорни за структурната организација на партијата. Во Струга, убиството беше последица на крвна одмазда, бидејќи институциите не ја спроведуваат правдата и законот. Наместо нив, често правдата ја земаат граѓаните во свои раце и затоа нашето општество често личи на 'џунгла', во која политиката се става над животот, што е своевиден парадокс и апсурд од невидени размери“, дециден е Тахири.

Mazedonien Kommunalwahlen DUI Struga
Седиштето на ДУИ во СтругаФотографија: DW/M. Jovanoski

Асани не ги исполнил обврските?

Дали крвната одмазда е резултат само на бавната истрага на надлежните институции за претходни убиства или ќе се случела дури и со брза и ефикасна истрага - е прашањето што се поставува во струшката јавност.

„Убиството во Струга најпрвин е доказ дека институциите не функционираат како што треба, а кога тоа се случува, на сцена се појавуваат вонинституционални и застарени мерки и методи, како што е впрочем и крвната одмазда. Ако полицијата успееше да го расветли во еден разумен рок исчезнувањето на Уран Купа кој беше најден мртов во февруари годинава и ги казнеше неговите убијци, тогаш неговото семејство можеби немаше да се одлучи да постапи на таков начин“, коментираат во струшката чаршија. Но, извори добро упатени во односот на неодамна убиениот заменик директор на УЈП, Аргетим Асани, со врвот на ДУИ и со неговиот „минат труд“, посочуваат и други можни мотиви.

„Има сериозни индиции и сомневања дека Аргетим Асани воопошто не бил вмешан во убиството на Купа, туку дека политички и полициски структури го убедиле во тоа неговото семејство, со цел да го мотивираат да му се одмазди. Причина за тоа е што Асани во последниот период 'се дистанцирал' и не исполнил одредени обврски што ги преземал пред тие структури, па ова било полесен начин да се пресметаат со него, а притоа и да се спасат од можноста тој да проговори за одредени работи“, посочуваат овие извори.

Според нив, најлошото во овој случај, е што покажува дека е изгубена довербата на граѓаните во правната држава, а со оглед дека тој имаше голем одек во јавноста, се стравува дека може да охрабри и други граѓани да ја земаат правдата во свои раце. Други, пак, сметаат дека убиството во Струга не може да се смета за крвна одмазда.

„За крвна одмазда има правила, а убиствата не се вршат на улица или без предупредување до семејството кое треба да плати во крв за претходна жртва, според канонот на Лек Дукаѓини“, изјави за ТВ „Телма“, Селами Алиу од Движењето за национално помирување за крвна одмазда. Според него објаснувањата на семејството Купа дека убиството во Струга е одмазда не се вклопува во дефиницијата на крвна одмазда, бидејќи е извршено на јавно место каде можеле да настрадаат случајни минувачи.

„Кога не функционираат институциите, кога не е задоволена правдата, илузорно е да се очекува да функционираат некакви правила за крвна одмзада“, коментираат нашите соговорници. Велат дека не ја оправдуваат одмаздата, но го разбираат гневот на оштетените.

Symbolbild Blut Blutfleck
Крвна одмазда или нешто друго?Фотографија: Fotolia/Wilm Ihlenfeld

Незадоволство во базата на ДУИ

И додека се очекува истрагата да даде одговор на сите неодговорени прашања, во политичката јавност се‘ повеќе се анализира што се случува во ДУИ и зошто партијата се дистанцира од некои нејзини членови. Според аналитичарите, ова е резултат на фактот што во ДУИ за се‘ одлучува еден тесен круг на партиски функционери кои ја имаат узурпирано партијата, а ги игнорираат барањата на членството да се расправа за проблеми кои со текот на времето се напластиле. Функционери од ДУИ не сакаат да одговараат на ваквите ставови на аналитичарите, со образложение дека пред нив стојат многу посериозни предизвици.

„Нема да полемизираме со оние кои сакаат конструктивната улога на ДУИ за излез од кризата да ја ослабат или обезвреднат преку измислување на наводни внатрепартиски проблеми во неа, бидејќи со тоа би станале соучесници во дефокусирањето на вниманието од главната цел - подготовка и имплементирање на мерките за излез од кризата. ДУИ е демократска партија отворена за дебата, идеи и предлози и така ќе функционира и во иднина. Не е добро случаите во Куманово и Струга да се користат за 'лов во матно', а надлежните институции треба да дадат одговор на сите прашања“, вели висок функционер од ДУИ.

Но, според извори од пониските партиски ешалони, во ДУИ владее „голема вознемиреност“ по убиствата во Куманово и Струга, како и страв дека незадоволството во базата енормно расте. Поради тоа, не била исклучена можноста во наредниот период да се направи одредена „кадровска ревизија“, но тие планови засега се одмеруваат во многу тесен функционерски круг.