ОН се оставени на цедило
24 октомври 2016Ние, луѓето во светот, еднаш си ветивме нешто. Има ли некој што се сеќава? „Ние, народите на Обединетите Нации, цврсто решени да ги заштитиме идните родови од камшикот на војната, која два пати во нашето време на живеење му донесе неискажливо страдање на човештвото.“ Она што ние, луѓето, тогаш, во 1945-та, го запишавме во Преамбулата за најизвонредната организација на светот - Обединетите Нации, беше извонредно. Во 1945-та сѐ уште чадеа урнатините, сѐ уште обвинуваа мртвите, сѐ уште прилично се чувствуваше камшикот на војната.
Димензија на стравот како во 1945-та
А денес? На Денот на Обединетите Нации, кој еднаш годишно треба да нѐ потсетува што си ветивме тогаш, чадат урнатините, обвинуваат загинатите, повторно стотици илјади, милиони луѓе се во бегство. Одлично ни успеа, нели? До ваков заклучок деновиве многу бргу доаѓаат не само циниците.
Даг Хамаршелд, вториот генерален секретар на ОН, кој загина додека беше на функција, се обиде на утописката Преамбула на Повелбата на ОН да ѝ даде интерпретација поблиска до животот - ОН, рече тој, не се создадени за тоа да ги носат луѓето на небо, туку да ги спасат од пекол. Одлично ни успеа, можеме сега да викнеме во хор: Совет за безбедност кој пет и пол години со лирика на огорченост се обидува да стави крај на војната во Сирија. Совет за безбедност чии пет сили со право на вето очигледно се служат со поинаква дефиниција за небото и пеколот. Совет за безбедност, чии членки имаат премалку прсти на рацете за да ги набројат сите светски порти кон пеколот: Либија, Јемен, Бурунди, Конго, Јужен Судан, Палестина, Украина, Сомалија, Централноафриканска Република, Ирак и Сирија - постојано Сирија, пекол.
Најголемата хуманитарна организација на светот
Но пекол се секогаш другите! Со мала естетска грешка - нема други освен ОН. Ние луѓето сме пеколот. Тоа што на овие прекрасни ОН, најголемата хуманитарна организација на светот, која спасува животи, расчистува, заштитува, храни, лекува, чува и свети среде најтемната омраза, не ѝ дозволуваме да стане посилна, не е вина на организацијата. Ние луѓето ја оставивме на цедило, без да забележиме дека самите себеси си се оставивме на цедило. Онаму каде што почнуваат националните егоизми, завршува заеднишвото - така е денес, исто како и пред 71 година. „Ние, народите на Обединетите нации, цврсто решени да ги заштитиме идните родови од камшикот на војната“, и натаму „да бидеме толерантни и да живееме заедно во мир, како добри соседи, и да ја обединиме нашата сила за да ги одржиме меѓународниот мир и безбедност“. Одлично ни успеа! Сѐ до денешниот Ден на Обединетите Нации.
Георг Шварте раководи со студиото на германската телевизија АРД во Њијорк, каде што е седиштето на ОН.