1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН: Мачења и убиства во источна Украина

ЖА/дпа/афп/ртре16 мај 2014

Во источна Украина расте насилството: убиства, мачења, киднапирања, свирепи дела. ОН и ОБСЕ првенствено ги обвинуваат владините противници. Русија огорчено реагира.

https://p.dw.com/p/1C1K3
Фотографија: Reuters

Набљудувачи на ОН во Украина утврдиле алармантно влошување на состојбата на човековите права во земјата, посебно во источниот дел и појава на сериозни проблеми на Крим, изјави денеска Високиот комесар на ОН за човекови права Нави Пилај. Во изјавата, таа вели дека „оние кои имаат влијание врз вооружените групи, одговорни за поголем дел од насилството во источна Украина, треба да направат се‘ што е можно да ги запрат тие луѓе да не ја расцепуваат земјата на делови“.

Таа додаде дека набљудувачите на ОН се обидуваат да ги проверат наводите за убиства и повредени луѓе извршени од украинските владини сили. Освен тоа, набљудувачи стравуваат за безбедноста на кандидатите на претседателските избори на 25 мај, рече Пилај.

Во извештајот се набројуваат „конкретни примери на убиства, мачења, киднапирања, малтретирања и некои случаи на сексуални напади, извршувани од добро организирани и вооружени антивладини групи во источниот дел на земјата“. Во документот се осудува исто така „малтретирањето и прогонувањето“ на кримските Татари на Крим.

Во периодот од 2 април до 6 мај во Украина исчезнале 83 лица, вклучувајќи четири жени, се наведува во извештајот.

Претходно и ОБСЕ подигна тешки обвиненија за кршење на човековите права и тоа првенствено од странана владините противници.

Русија остро ги отфрли обвинувањата и ги обвини ОН за заземање страна.

„Документот има мала врска со вистинската состојба на полето на човековите права во Украина“, соопшти руското министерство за надворешни работи во Москва. Извештајот еднострано ја оправдува позицијата на „Киевската хунта“, се вели во него, (мислејќи на прозападната влада во Киев), додека проруските сили во источна Украина се оцрнуваат. Со тоа е нарушен принципот на неутралност на ОН, смета Москва.

Но, документот ги евидентира и грешките на украинските власти, барајќи од владата во Киев придржување кон меѓународните стандарди. Според сознанијата на ОН и ОБСЕ, цел на антивладините сили не се само претставниците на демократското движење, туку и новинари. Голем број од нив се заплашувани, делумно киднапирани или задржувани, се вели во извештајот објавен во Киев.