ОН испраќаат помош за Северна Кореја
4 август 2012Луѓето во областите погодени од катастрoфата во Сверна Кореја би требало да добијат дневно 400 грама пченка и тоа во временски период од две недели, објавија ОН на својата интернет страница. Комунистичката диктатура веќе со години е упатена на помош во прехранбени производи од надвор поради лошата економија. По големите дождови и поплавите во втората половина на минатиот месец состојбата уште повеќе се влоши. Набљудувачки тим на Обединетите нации деновиве ги посети областите погодени од катастрофата и утврди уништување пред се’ на полињата со пченка, ориз и соини зрна.
Итна помош во храна е неопходна пред се’ во градовите во провинциите Јужен Пјонган и Кангвон. Освен ова на околу 50.000 семејства итно им е потребна чиста вода за пиење или таблети за прочистување на водата за да се спречи избивање на епидемии.
Според податоци на властите на Северна Кореја од поплавите изминатите недели починале најмалку 169 лица, 40 се водат за исчезнати, а 212.000 се без покрив над главата. Поплавите уништија и повеќе од 45.000 хектари обработливо земјиште.
Уште пред поплавите, според проценките на ОН во Северна Кореја околу три милиони луѓе имаа потреба од помош во храна. Во последниот објавен извештај на ОН се наведува дека 7,2 милиони од 24 милиони жители на земјата се сметаат за „хронично сиромашни“. Во извештајот се проценува дека секое трето дете страда од пречки во развојот како последица од гладот. По катастрофалното гладување во 90-тите, кога стотици илјади луѓе ги загубија животите, Северна Кореја постојано се бори со недостиг на храна.