1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Омикрон носи страв од глад во Јужноафриканската Република

Адријан Криш
29 ноември 2021

Новата ковид-мутација Омикрон откриена во Јужна Африка предизвика загриженост во цел свет. Но, во ЈАР е поголем стравот од мерките и рестрикциите отколку од самата мутација.

https://p.dw.com/p/43buH
Südafrika Coronavirus l Markt in Kapstadt
Фотографија: Adrian Kriesch/DW

Плоштадот Гринмаркет во центарот на Кејптаун од почетокот на пандемијата е показател за тоа колку е лоша ситуацијата во туристичкиот сектор. Пред Ковид-19 овде беше преполно со туристи и штандови на кои се продаваа сувенири. Потоа имаше само по некој штанд, а во меѓувреме повторно се наполни. Се продаваат тапани, резби од дрво, шарени слики. Но, трговците од цела Африка се повторно во очај. „Минатата недела имавме доста германски туристи“, вели една жена од Конго која продава чанти, ѓердани и маици. „Сега сите брзаат предвреме да се вратат дома во страв да не останат заглавени овде. Економијата е во колапс. Без купувачи нема бизнис.“ 

Повеќе: Омикрон во Европа: Патници од Јужноафриканската Република уапсени по бегство од карантин

 „Што ќе ми јадат децата?“

Веста за новата мутација Омикрон брзо се прошири. Но, овде ретко кој се плаши од самата мутација, повеќе се стравува од последиците. „Јас живеам од овој бизнис – без него нема да можам да си го прехранам семејството“, вели еден човек од Малави кој продава капи. „Многу сум загрижен, што ќе ми јадат децата и моето семејство?“

За кусо време многу земји реагираа во врска со новооткриениот сој од страна на научниците во Јужноафриканската Република (ЈАР). ЕУ, САД, Израел, Сингапур, Маурициус и други земји за еден ден воведоа рестрикции на летовите од југот на Африка, откако кај помалку од 100 луѓе беше откриено дека се позитивни на новата варијанта.

Südafrika Coronavirus l Markt in Kapstadt
Трговец од Малави: Многу сум загрижен, што ќе јадат децата?Фотографија: Adrian Kriesch/DW

Сојот Омикрон има над 30 мутации на спајк-протеинот – двојно повеќе од Делта-сојот. „Во моментов немаме докази од пациенти ниту од лабораториски студии што предизвикуваат овие мутации“, вели Волфганг Прајзер, виролог од Универзитетот Штеленбош. „Но, со оглед на тоа дека одредени мутации ни се познати од другите варијанти, можеме нешто и да предвидиме: постои загриженост дека овој вирус може да го заобиколи имунолошкиот систем. Тоа значи – може да се заразат и луѓе кои веќе претходно биле заразени. А можно е да се заразат и вакцинирани. Згора на тоа е многу попренослив“, вели вирологот.

Повеќе: Загриженост во Европа – колку сегашните вакцини се моќни против Омикрон?

Случаи во Боцвана, Хонгконг, Израел и Белгија

Во следните денови и недели ќе се спроведуваат понатамошни тестови за да се добие појасна слика за состојбата. Во меѓувреме веќе се потврдени случаи на заразени со оваа варијанта на вирусот во Боцвана, Хонгконг, Израел и Белгија.

Животот во Јужноафриканската Република во изминативе недели речиси се нормализираше. Со оглед на ниската стапка на заразени по подолго време, во земјата повторно почнаа да доаѓаат туристи од разни земји. Но, во изминатите неколку денови бројот на инфицирани почна нагло да расте  - од 100 случаи дневно на почетокот на ноември, сега се регистрираат и до 2500 заразени на ден. Тоа е почетокот на четвртиот бран во ЈАР. Претседателот Сирил Рамафоса свика состанок на националниот Совет за коронавирусот.

Дали зголемениот број на случаи е последица на новата варијанта е сѐ уште нејасно. Прајзер смета дека е тоа многу веројатно. Пред сѐ во регионот Гаутенг и во градовите Јоханесбург и Преторија бројките растат забрзано, предупредува министерот за здравство на ЈАР. „Ако луѓето во следните недели почесто патуваат, тогаш ќе се прошири насекаде“, вели министерот за здравство Џозеф Пала, кој сепак бил изненаден од итните мерки преземени во странство. Според него, тие се неоправдани и против препораките на Светската здравствена организација.

Südafrika Coronavirus l Markt in Kapstadt
Без муштерии, нема профит, вели продавачка од КонгоФотографија: Adrian Kriesch/DW

Дискриминација, изолација, наивност

Министерката за надворешни работи на ЈАР ги критикуваше ваквите одлуки како „избрзани“. „Светот треба да ги поддржи Јужноафриканската Република и Африка, а не да ги дискриминира и изолира“, напиша на Твитер Тулио де Оливеира, директорот на Центарот за справување со епидемии и иновации.

Истражувачот на вакцини Шаби Мади вели дека е наивно да се верува оти со ограничување на патување во неколку земји може да се спречи ширење на нова варијанта на вирусот. „Последниве две години нѐ научија дека овој вирус може да се прошири низ целата земјина топка и покрај рестрикциите.“

Повеќе: Светот на нозе поради новиот сој на коронавирусот со многу мутации

Затоа во ЈАР се будат сеќавањата на Бета варијантата. Пред една година таа беше откриена од научници од ЈАР. И тогаш имаше големи рестрикции за патување за граѓаните на земјата, туризмот колабираше, а валутата изгуби многу на вредност за кусо време. Сега повторно се случува истото сценарио.

ЈАР поради пандемијата продолжи дополнително да се задолжува. Државниот долг во меѓувреме е речиси исто толку висок колку и годишниот БДП, така што не се очекуваат големи финансиски инјекции за болната економија.

Нема да има помош ниту за поголемиот дел трговци на плоштадот Гринмакет. Само неколкумина овде како мигранти имаат право на државна помош. „Во последниве две години едвај преживував, а дури сега не ми е јасно како ќе се живее понатаму“, вели загрижено продавачот на капи од Малави.