1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Октоподот пуштил и хакерски пипци до мејлот на СЈО

29 септември 2016

Деловната и персонална поврзаност во случајот „Трезор“ рефлектира бројни конфликти на интереси, но и опасност таа да биде злоупотребена и за многу други нелегални цели. Хакерскиот упад во СЈО е еден од примерите за тоа.

https://p.dw.com/p/2QiTI
Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Браќа, кумови, пријатели...Едни директори и сопственици на приватни фирми, други директори во големи компании со сродни бизнизи, но и во роднински и пријателски врски со раководители на институции кои имаат потреба од набавки токму од нив. Кога сите „лего коцки“ (не)случајно вака ќе се наместат, според принципот „јас тебе, ти мене“, не е тешко да се има „успешен бизнис“ во Македонија. Типичен пример за ваквата шема се открива преку предметот „Трезор“, иако дел од осомничените фигурираат и во други бизнисни и зделки, кои потенцијално може да бидат предмет на истрага од Специјалното јавно обвинителство.    

СЈО не го обелодени идентитетот на осомничените во „Трезор“, но од судски извори протекоа нивните функции: поранешен директор на УБК, поранешен началник на Петтата управа во УБК, поранешен шеф на кабинетот на бившиот директор на УБК и поранешен помошник - министер во МВР за информатика и телекомуникации. Четворицата се осомничени дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, прибавувајќи имотна корист за правното лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, со што го оштетиле државниот буџет за 862.042 евра. 

Вмрежени и приватно и деловно

Каква е поврзаноста меѓу дел од нив? Осомничениот поранешен помошник - министер во МВР за информатика и телекомуникации е Небојша Стајковиќ, и е брат на првиот управител на „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, Владислав Стајковиќ. Заедничко им е и тоа што двајцата во еден период директорувале во фирмата „Мобико“, во сопственост на актуелниот Главен оперативен директор на Македонски Телеком, Жарко Луковски, кој пак е во кумска врска со бившиот директор на УБК. Небојша Стајковиќ денес е и неизвршен член на Одборот на директори во Телеком. 

Symbolbild Hackerangriff
Фотографија: Sergey Nivens - Fotolia.com

Ваквата деловна и персонална поврзаност рефлектира голем број конфликти на интереси, но и опасност тие врски и позиции во телекомуникацискиот сектор да бидат злоупотребени и за многу други нелегални цели, поврзани со употребата на набавената опрема, предупредуваат експертите.

„Овој тип на поврзаност може да создаде услови за различни видови на злоупотреби, во случајот од злоупотреба на средства од буџетот, до злоупотреба во начинот на користење на опремата која е набавена“, вели д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел - Македонија (ТИ-М) .

Законските процедури обезбедуваат можности ваквите злоупотреби да бидат спречени, но прашањето е дали биле искористени за кратење на октоподските пипци меѓу актерите во случајов. 

„Во постапките за јавни набавки се вградени правила за декларирање на поврзаност помеѓу заинтересираните страни и носителите на одлуки за одредена јавна набавка. Законот за трговски друштва исто така го уредува прашањето на поврзани субјекти, токму преку органите на управување и сопственичките права. Учесниците во тендери имаат обврска да пријават секаква меѓусебна поврзаност, а комисиите за јавни набавки имаат обврска тоа да го проверат од аспект на судир на интереси и можности за влијание при донесувањето на конечната одлука за јавна набавка“, објаснува д-р Тасева.

Очигледно, во случајов тоа не било направено, па сега останува прашањето - кој ќе ги санкционира ваквите типични примери на „шуро-баџанаковизам“?

„Кривичниот законик исто така го санкционира преземањето дејствија во рамки на службената должност во услови на судир на интереси и уште повеке, доколку таквите дејствија се сторени во постапките за јавни набавки и со злоупотреба на средствата од буџетот, претставува квалификуван облик на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Надлежен за санкционирање на ваков тип на дејствија е судот во рамки на кривична постапка. Вообичаено, сознанија и докази за вакви дејствија имаат лицата кои се вклучени, како во постапките за јавни набавки, така и во самите трансакции, но од различни причини, најчесто поради интерес или недостиг на заштита, истите не ги пријавуваат“, потенцира д-р Тасева.

Symbolbild Internet Überwachung Hacker Datenschutz Spionage
Фотографија: picture-alliance/dpa

И хакерски упад во СЈО

Причина за ваквото воздржување од страна на потенцијални сведоци и натаму е отсуството на волја кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ за измени на Законот за заштита на сведоци, што СЈО веќе неколку месеци го бара, но досега без успех.   Во такви околности, сега на вистински тест е Основниот суд Скопје 1. Тој вчера не решаваше по барањето на Специјалното јавно обвинителство за одредување мерка притвор за едно осомничено лице (наводно за бившиот началник на Петтата управа во УБК), за одземање патни исправи за три лица и за предлог за донесување на привремена мерка - забрана за користење и располагање со трансакциската сметка на правнoто лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

Ниту еден од осомничените, вчера не беше изведен пред судија на претходна постапка. Исто така, од Кривичниот суд веќе подолг период ги одбиваат барањата на СЈО, без цврста правна аргументација за тоа. Последен пример за тоа е одбивањето на барањето за иземање на судијката Лидија Петровска од постапување по еден обвинителен предлог на СЈО, со оглед дека нејзиното име беше спомнато во една од „бомбите“. Како  што се наведува во соопштението од Кривичниот суд, „претседателот на Основен суд Скопје 1 – Скопје донел решение со кое барањето се одбива, поради тоа што не се основани причините за изземање на судијата кои СЈО ги навело во своето барање“. Нема никакво објаснување - зошто причините „не се основани“.

И како врв на сите опструкции, е снимката што од вчера е објавена на каналот Јутјуб, на која се прикажани дел од мејловите на новинари кои бараат акредитација во СЈО, но и други службени дописи и информации разменувани меѓу Јанева и нејзиниот тим со други лица. Според првичните коментари во јавноста, хакирањето на електронската адреса на СЈО и објавувањето на дел од мејловите, е врвен скандал и вовед во највалканото сценарио досега, кое индицира дека засегнатите од истрагите нема да се воздржат од ниеден „метод“ за да ја отежнат позицијата на оваа институција. Уште пофрапантен е податокот дека снимката до утрово се уште не беше симната од Јутјуб.