Озрачени руски војници: МААЕ испраќа експерти во Чернобил
1 април 2022Мисијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Чернобил ќе ја предводи лично шефот на МААЕ, Рафаел Гроси. МААЕ ќе им стави на располагање безбедносно релевантна опрема и експертиза и на други атомски централи, изјави Гроси, кој во текот на изминатите денови престојуваше во Украина и Русија и водеше разговори за мерки за поддршка.
Гроси тврди дека мисијата на експертите е договорена и со Русија и со Украина. Тој не зборуваше за конкретни руски безбедносни гаранции за украинските атомски централи. „Потребни ни се безбедни рути, заштита и мирни зони во кои ќе можеме да се движиме“, рече Гроси. Тој призна дека отстапил од својот првичен план за постигнување договор помеѓу Русија и Украина за заштита на атомските централи во текот на војната. Според Гроси, „важно е да се работи на безбедноста на централите“, па затоа конкретна помош е поважна од долги преговори.
Руски војници се озрачиле во Чернобил
Руски војници, според официјален Киев, биле озрачени при ангажман во Чернобил. Украинската агенција за атомска енергија Енергоатом денеска (1.04) соопшти дека делови од руските трупи копале ровови во забранетата зона околу поранешната атомска централа и притоа биле озрачени од радиоактивен материјал. Претходно имаше извештаи дека руската армија ја напуштила централата. Попладнево од Чернобил доаѓаат информации дека руските војници ја напуштиле централата, но дека во нејзината околина сѐ уште има руски трупи.
- повеќе: Каква опасност произлегува од руската окупација на украинските нуклеарки?
„Не е можно да се претвори во цифри степенот на радиоактивна озраченост на руските војници“, изјави директорот наЧернобил, Валериј Сејда. Во интервју објавено на веб-страницата на Енергоатом, шефот на украинската агенција за атомска енергија, Петро Котин, вели дека војниците не биле физичари и дека биле испратени во радиоактивно озрачениот регион без да имаат каков било поим за тоа. Вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук, на Фејсбук напиша дека руските војници биле озрачени толку што „последиците мораа да им ги објаснуваат лекари облечени во заштитна облека“. Кремљ засега нема коментар на ваквите информации.
Руските трупи презедоа контрола врз атомската централа Чернобил на 24 февруари и го заробија персоналот, кој беше разменет дури по еден месец.