Одобрено одземањето на имунитетот на собраниските „вратари“
30 ноември 2017Со поединечно изјаснување за секој од шестмината пратеници за кои пристигна барање од Судот, собраниската комисија денеска едногласно одобри да им се одземе имунитетот.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска и Јохан Тарчуловски, како и Љупчо Димовски од Социјалистичката партија се меѓу 36 осомничени од страна на Јавното обвинителство за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ согласночленот 313 од Кривичниот законик. На видео снимките од безбедносните камери, вечерта на 27 април при крвавиот упад во Собранието, може да се види дека дел од овие пратеници ги отвораат вратите на парламентот и им асистираат на граѓаните и насилниците кои влегуваат во него.
Четворицата членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во комисијата не се појавија на седницата.
Комисијата сега треба да го информира Собранието за својата одлука, по што, за одземањето на имунитетот на пратениците треба да гласа и мнозинството во законодавниот дом и тоа во рок од три дена.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека полицијата трага по уште 12 осомничени од страна на обвинителството. Сите 12 лица, според Спасовски, се уште се наоѓаат на територијата на Македонија.
Кривичниот суд претходно им одреди мерка затворски притвор на 13 лица, и домашен притвор на уште шестмина.