Одбиено примирје за продолжување на битките во Украина
10 август 2014Во меѓувреме сепаратистите објавија дека се повлекуваат од нивното барање за примирје испратено преку лидерот Александр Захарченко и оти украинската влада е таа кој прва треба да ја запре воената акција. Тие појаснија дека примирјето го барале за спречување на хуманитарна катастрофа.
Украинските воени сили денеска (10.08) го зацврстија обрачот околу главното упориште на бунтовниците – големиот индустриски град Доњецк. Тамошните жители јавуваат за тешко гранатирање од рано утрото. Притоа најмалку едно лице загина, а 10 се ранети. Новинарите од агенцијата Асошиетед прес информираат дека само околу пладне се слушнале 25 силни експлозии.
Во текот на ноќта се тешко оштетени 10 станбени згради и една болница. Неколку автобуси погодени од синоќешното гранатирање гореа и во текот на утрото.
Откако избија насилствата, најмалку 300.000 лица од вкупно 1 милон жители на Доњецк го напуштија градот. Оние кои останаа во градот со недели спијат во своите подруми. Според податоците од ОН, во битките досега загинаа над 1.300 луѓе.
Чекор за смирување?
Советот за национална безбедност и одбрана на Украина денеска соопшти дека пет украински војници, кои беа уапсени минатата недела во Русија под сомнение за воени злосторства, се ослободени и се вратени во Украина. Тие од руска страна биле предадени на украинската гранична контрола. Советот смета дека украинските војници биле нелегално притворени во Русија.
Војниците биле дел од контингент од над 400 војници кој во понеделникот (04.08.) ја минал границата кон Русија. Русија тврди дека украинските војници биле опколени и решиле да ја променат страната, додека Киев тврди дека тие биле принудени да минат преку границата откако останале без вооружување во битките против проруските бунтовници.
Руските истражни органи ги обвинува војниците за убивање на најмалку 10 цивили и уништување на 20 дома во регионот на источноукраинскиот град Луганск. Но, потоа портпаролот на Рускиот истражен комитет Владимир Маркин соопшти дека „истрагата откри оти мажите само ги следеле наредбите на нивниот командант и дека директно не направиле некакви злосторства“, по што било одлучено „да не се покренат обвиненија против нив и да им се дозволи да се вратат во Украина“. Со овие пет војници сите над 400 војници се вратени во Украина.