1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од тука е сѐ надолу

30 јануари 2019

Главната пресека, договорот од Преспа, ја префрливме. Од тука е сѐ надолу. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3CQee
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Чудно, но позициите на политиката во Македонија, па и пошироко, како да се индикација дека интеграцијата во ЕУ и НАТО не се гаранција за подигање на општиот демократски стандард и сериозен исчекор напред.  Ете, на пример, на Балканот немаме униформни стандарди за приватност. Некои земји ги чуваат снимките предолго, а некои прекусо. Ние, во Македонија, сѐ уште се отплеткуваме од снимени разговори пред безмалку 10 години, а во Албанија снимки од камери на граничен премин автоматски се бришат (по некаков демократски стандард) за 30 дена. Така, без оглед на објаснувањата за тој феномен, некои конспиративни, некои прозаични, резултатот останува – ние сме чекор подалеку од расветлувањето на филмското бегство на Груевски. Притоа, уште пострашно, таквото назадување, сите го примаат со релативна доза на Зен фаталистичка мантра – индикатор дека од пробив во владеењето на правото полека се откажуваме. Ако на тоа се додадат отпорот кон трансформацијата на СЈО, па и иницијативите пред Уставен суд, како да се добива впечаток дека нема сериозна волја за таа борба да продолжи.

Здодевно нема да биде во никој случај

Потоа, како го завршивме Договорот од Преспа, веднаш се фрливме на домашната агенда – избори.  Изборите, иако не се нелогични како потврда на општиот политички курс, особено кога општеството ќе направи ваква тектонска одлука, доаѓаат во лошо време за нас: чекаме ратификација на НАТО-протоколите, чекаме економијата да мрдне, чекаме датум за преговори. Првите пораки од Брисел веќе стигнаа – заборавете датум ако наместо да го испорачате списокот реформи, направите избори. Дури и од чисто политички прагматична гледна точка, нови парламентарни избори имаат смисла само ако со нив доаѓа и некаква политичка разрешница, или консензус за неопходните реформи во вид на некаква нова коалиција од 80 пратеници, или некаква драматична консолидација и расплет околу позицијата СДСМ-ВМРО ДПМНЕ.  Тешко дека кој било од овие расплети се можни при брзи избори. 

Други колумни од авторот:

Помирување или победување

Губитници и добитници, и еден победник - Македонија!

Но далеку од тоа дека политичката сцена ќе биде здодевна – претседателските избори ќе се погрижат за тоа. На прв поглед, таа трка изгледа предодредена, зашто поведението на Мицкоски, а особено Иванов, кој за огромен дел од популацијата е пример за претседател кој треба да биде сменет со дијаметрално различен профил, безмалку гарантираат дека кандидатот на СДСМ, а особено консензуален кандидат на СДСМ и ДУИ, би имал појдовна предност во изборите. Интересни, во оваа смисла, ќе бидат внатрепартиските игри на тронови во изборот на кандидатите: кај СДСМ таа византиска борба секогаш била забавна, зашто во интерните борби на лактови тие немаат проблем да објавуваат валкани приказни во јавност, а овојпат, мислам дека воајерски увид во внатрешните разногласија ќе имаме и од ВМРО-ДПМНЕ, каде нема веќе така хомогена и координирана структура за назначување кандидат, па и од таму ќе имаме некаква „јавна” борба.  За мене најинтересно ќе биде како кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, низ кампањата, ќе се обиде истовремено да ја задржи партиската линија, која е тврдо против Преспанскиот договор, компромисот со Грција и целата линија на евроатлантски интеграции, а притоа да се прикаже како космополит/ка, од 21 век, со здрав однос кон светските геостратешки трендови. Притоа, претседателот има и формална улога во овие процеси. Ќе биде забавна таа логореична вратоломија во која, додека стигаат заверени протоколи од НАТО, а очекуваме датум за преговори, каде претседателот ќе треба да потпишува низа европски закони, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да нѐ убеди дека иако не го поддржува Договорот од Преспа, ги поддржува другиве процеси.

Посилниот и послабиот

Тоа нѐ носи на главниот симптом на електоратот со моментов – стереотипизацијата како основен ментален процес во политичкото одлучување. Во основа, гласачите создаваат ментален сублимат за партиите, кој потоа го користат како когнитивна кратенка за оценка. Таквиот сублимат станува инертен и самоодржувачки до ниво на стереотип. По истиот принцип, без оглед на очигледните индикации за тоталитарност, електоратот во претходниот период ги перцепираше СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ како стереотипи – посилен и послаб.  Мислам дека овој феномен ќе се повтори, но улогите ќе се сменат – во наредниот период, имајќи предвид дека, генерално, наративот на СДСМ победи, електоратот ќе ги перципира двете најголеми македонски партии низ истата призма, но низ различни улоги: СДСМ како прозападен и напреден, а ВМРО ДПМНЕ како антизападен и националистички. Таквиот инертен феномен ќе направи да биде многу тешко, без тектонски промени, таквиот „закован” однос да се смени. Тектонски промени можат да дојдат или преку голема општествена криза, или преку суштинско ребрендирање на ВМРО-ДПМНЕ. За ни едното од овие не гледам потенцијал наскоро. Така, мислам дека позициите на партиите се детерминирани на среден рок.

Со така поделена политичка поддршка, тешко дека можеме да се надеваме на брз пробив во преговорите со ЕУ. Нам сега ни следат ловорики во наредните 6 месеци, па потоа задачи во наредните 12 години. Без силна политичка волја, овој моментален пробив нема да донесе брзи суштински промени. Тие се можни само со национален консензус за приоритетите и активирање на сите потенцијали во таа насока на една агенда. Сегашната поделеност на партиите, особено со двоецот Груевски-Мицковски во ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека тоа го прави невозможно.