Од петок се отвораат границите, од 1 јули аеродромите
23 јуни 2020На македонските државни граници од петок, 26 јуни, ќе се врати непреченото движење без обврска да се приложуваат ПЦР тестови за коронавирус или да се оди во изолација. Владата попладнево донесе таква одлука на предлог на Комисијата за заразни болести. Истовремено се укинува и забраната за организиран превоз на патници.
Следната среда, 1 јули, ќе се отворат и двата меѓународни аеродроми во Скопје и Охрид.
Ново релаксирање на мерките има и за угостителски објекти кои од петок, исто така ќе можат да работат и во внатрешноста на објектите со почитување на пропишаниот протокол за работа. Како што вчера најави министерот за здравство Венко Филипче, од петок ќе биде дозволена работата и на теретаните и вежбалните, а моловите ќе можат да работат и во неделите.
Во последното деноноќие во земјата се регистрирани 118 новозаразени со Ковид-19, а четири лица починале како резултат на болеста. Најголемиот број нови случаи се во Скопје-55 и во Тетово-20.