1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа во 2016 - пиво и игри, концерти и изложби

Е. Јан/З.Јордановски4 јануари 2016

Европа е најпосетуван континент. Туристите и годинава ќе има што да видат и доживеат. Германија ќе го слави своето пиво, Велика Британија големиот Шекспир, во Франција ќе се одржи ЕП во фудбал... Што уште ќе се случува?

https://p.dw.com/p/1HXhO
Фотографија: picture-alliance/dpa/PIXSELL/G. Stanzl

Најпосетуван дел на земјинава топка е Европа. Според статистиката на Светската организација на ОН за туризам, во 2015 година за прв пат е пречекорена границата од 600 милиони туристи што го посетиле „стариот континент“. Тој несомнено заслужува да се види и има што да понуди. Но кои места и манифестации се особено привлечни, кои настани годинава не треба да се пропуштат?

Германија ги слави пивото и градините

Германците во 2016 слават еден посебен јубилеј: пет векови од донесувањето на прописот за пивото. Во 1516 со законски акт е утврдено дека пивото смее да содржи само јачмен, хмељ и вода. Подоцна беше додаден и квасец. Тој пропис е најстариот до денес уште важечки законски акт за прехранбени продукти во светот.
Прославата на јубилејот ќе започне на 22. април во Инголштат, каде е донесен прописот за пивото. На крајот на јули во Минхен ќе се одржи тридневен фестивал на пивото, а терминот на традиционалниот Октоберфест е 17 септември до 3. октомври.
Берлин, пак, ќе му оддаде почит на хортикултурниот уметник Петер Јозеф Лене, кој почина пред 150 години. Тој уреди повеќе пространи паркови според примерот на англиските градини, меѓу нив и Паркот Сансуси во Потсдам, Островот на пауните и паркот Глинике, кои се дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Potsdam Park von Sanssouci
Паркот Сансуси во ПотсдамФотографија: picture-alliance/dpa/B. Settnik

Фудбал и национални специјалитети

Еден од најголемите настани во Европа годинава секако е Европското првенство во фудбал, што ќе се одржи од 10. јуни до 10. јули во Франција. Освен фудбалот, туристите ќе можат да доживеат и други работи во десетте градови во кои ќе се играат натпреварите: Бордо, градот на виното, од 2007. година исто така е дел од светското културно наследство на УНЕСКО, во Лион атракција се тесните улички во стариот дел на градот и повеќе ресторани со ѕвездички за квалитет. Париз, каде на Стад д’ Франс ќе се игра уводниот и финалниот натпревар, си е приказна за себе. Главниот град очекува дополнителни три милиони посетители. Натпреварите ќе бидат пренесувани на голем екран во подножјето на Ајфеловата кула, но бројката на посетители таму ќе биде ограничена на 120 илјади лица, поради мерките за безбедност по теорристичките напади од 13. ноември 2015. На бреговите на Сена ќе има шатори во кои ќе се нудат национални специјалитети од 24-те земји учеснички на ЕП.

Шекспир, 400 години од смртта

Ниеден друг во историјата на литературата автор не создаде толку многу драми од светски ранг, колку Вилијам Шекспир. Годинава се навршуваат 400 години од неговата смрт. Белика Британија ќе му оддаде почит на својот најпознат писател со низа манифестации во театри, кина, во концертни и оперски сали. Во родниот град Стратфорд на Авон веќе овој месец ќе биде отворена постојана изложба на која ќе биде претставен социјалниот амбиент од времето на Шекспир, неговото семејство и пријатели, соседи, колеги од работата и неговите ортаци во пиењето. По обемно реновирање, повторно ќе биде отворен за туристички посети и објектот на старото училиште на Шекспир, сосем близу до неговата родна куќа.

William Shakespeare Porträt Gemälde
Вилијам ШекспирФотографија: Getty Images

Престолнини на културата со комплексно минато

Вроцлав во Полска и шпанскиот град Сан Себастијан се Европски престолнини на културата за 2016. година. Вроцлав се презентира како млад и креативен град со многу студенти, реставриран стар центар, музеи, галерии и ресторани. Во 1945. година голем дел од центарот беше разорен, германското население протерано, а за илјадници Полјаци тој стана нов дом. Годината на културата со многубројни концерти, изложби и инсталации во сите делови на градот, ќе биде заокружена со доделувањето на Европската филмска награда на 10. декември.

Сан Себастијан сака со својата програма да ги залечи раните на сопственото минато. Населението до денес е длабоко поделено. Илегалната терористичка организација ЕТА со децении со крвави напади се бореше за независност на Баскија. Културната програма треба на луѓето да им понуди верба во иднината на градот, вели пабло Берасатаги, директор на проектот. Предвидени се, покрај другото, антивоен фестивал во март, со концерти, филмови и театарски претстави, а од јуни и изложба на 300 дела на Гоја, Рубенс и Пикасо на тема војна и мир.

Spanien Strand La Concha in San Sebastian
Сан СебастијанФотографија: picture-alliance/dpa/A. Lazaro Verde

Големи изложби

Од многубројните изложби низ европските музеи, годинава во фокусот е онаа, што му е посветена на холандскиот ренесансен мајстор Хиеронимус Бош, кој почина пред 500 години. Таа ќе се одржи во родниот град на сликарот Хертохенбош меѓу 13. февруари и 8. мај.
Специјална изложба со повеќе 60 дела од Бош од 31. мај ќе организира и мадридскиот музеј Прадо, каде се наоѓа неговата прочуена слика „Градина на задоволствата“. Таа е во шпански посед од 16. век и никој не може ни да ја добие дури ни да ја изнајми во специјални пригоди.

Karneval in Venedig
Карневалот во ВенецијаФотографија: picture alliance/Robert Harding World Imagery

Кралската академија на уметностите во Лондон од 30. јануари до 20. април ќе ја прикаже изложбата „Сликањето на модерните градини: од Моне до Матис“. Меѓу 120-те слики ќе има и дела од Сезан, реноар, Мане, Ван Гог, Кандински, Климт и Кле.

Класика: карневал секоја година наново

Карневалот има резервирано место во календарот на европските манифестации. Прв е најпознатиот маскенбал во светот, карневалот во Венеција од 23. јануари до 9.ти февруари.

Февруари и во Германија ќе е под знакот на големите карневалски поворки во Келн, Диселдорф и Мајнц на 8. февруари, на таканаречениот Розенмонтаг. Светски познат е и карневалот во Ница на францускиот Азурен брег, годинава од 12. до 28. февруари.

Евровизија и летен фест во Шведска

На северот на Европа летните ноќи се особено кратки, во некои скандинавски региони сонцето во еден период воопшто ни не заоѓа. Швеѓаните го прославуваат денот кога сонцето е во зенитот, а годинава тоа е на 24, јуни. Тогаш се пее и танцува, многумина облекуваат народни носии. Најголем фестивал има во гратчето Лександ.

Но претходно, на 14. мај, Шведска ќе биде домаќин на финалето на 61. фестивал за избор на Песна на евровизијата, што ќе се одржи во Глоуб-арената во Стокхолм.

Музика под отворено небо

Европа има традиции и на опен-ер фестивали (фестивали под отворено небо). Непроменлив термин има Празникот на музиката (Фет де ла музик): денот кога почнува летото - 21. јуни. Во многубројни европски градови тогаш на улиците и во баровите музичари - аматери и прфесионалци - одржуваат бесплатни концерти.

Fete de la Musique in Weimar
Музичкиот фестивал во ВајмарФотографија: picture-alliance/ZB/S. Stache

Еден од најголемите опен-ер фестивали во светот е Глестонбери-фестивалот на југозападот на Англија. Од 22. до 26. јуни годинава ќе се презентира современа музика од рок до хип-хоп, но ќе има и театарски изведби, танцови претстави и циркус.

На првиот викенд во август десетици илјади луѓе секоја година се упатуваат кон малото место Вакен на северот на Германија за да присуствуваат на најголемиот светски фестивал на хеви-метал музика. На оние, кои повеќе сака класична музика, им е наменет Фестивалот на Екс ан Прованс, на југот на Франција. Историските кулиси на градот, а посебно дворот на некогашната бискупска палата, се погодни сцени за концерти и оперски изведби под отворено небо.