Образование на македонски начин: Универзитет за секое дете
29 јуни 2016Отсуството на опозицијата во парламентот, му овозможи на владејачкото мнозинство по скратена постапка да го усвои законот за основање на новиот Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“. Со тоа е отворен нов полигон за образовен натпревар, но многу повеќе за реакции и натамошни поларизации, бидејќи беше игнорирано предупредувањето на професорите дека со ваквите одлуки „уште повеќе ќе се корпоративизира високото образование“ и дека земјата нема финансии за одржување на седум државни универзитети.
„По кампањата 'компјутер за секое дете' и експанзијата на дисперзирани факултети, ќе стигнеме и до 'Универзитет за секое дете'“, реагираат професори, а голем дел од нив стравуваат од „скриени намери за уништување на дел од постојните факултети“. Ваквата намера ја препознаваат во изјавата на Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дека „со основањето на новиот Универзитет целта е да се поттикне конкуренцијата, наспроти монополот на одредени факултети и одредени професори“.
Каков монопол? - прашуваат професорите, посочувајќи дека во Република Македонија, држава со околу два милиони жители, работат 23 државни и приватни Универзитети и Виши школи во 15 градови, на кои има 135 факултети и 466 наставни програми. Со „Дамјан Груев“, како и со претходно одобрениот Универзитет „Мајка Тереза“, таа бројка ќе биде уште поголема.
Квалитет, а не квантитет
За разлика од Димовски, заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, вчера даде друго објаснување. Според него, „фокусот е ставен во насока на зголемување на квалитетот, а не на хиперпродукција на дипломирани студенти“.
„Ангажирани се, пред се, професори од странство, а наставата во најголем дел ќе се изведува на англиски јазик и нема да има големи и масовни квоти за запишување“, објасни Ристовски. Но, и ова објаснување не даде одговор зошто тогаш фокусот не е ставен на подигнување на квалитетот на веќе постојните факултети, со оглед дека исти студиски програми ќе се отворат и на Универзитетот „Дамјан Груев“. Од вкупно девет факултети предвидени на Универзитетот „Дамјан Груев“, шест не се сметаат за „нови“. Такви се економскиот, градежниот, архитектонскиот, правниот, медицинскиот и Факултетот за безбедност. Од оние кои може да се сметаат за нови, се три: Воената академија за копнена војска и Воздухопловната академија, Факултетот за мировни студии и кризен менаџмент и двата института - за командни и штабни функции и лидерство, како и за информатички технологии и сајбер безбедност.
„Нема никакви дилеми дека причините за основање на уште еден државен универзитет не се од образовна, научна, социјална или економска природа, туку се чисто политички, а најверојатно од обичен инает на владејачката партија“, вели професорот од Правниот факултет на УКИМ, Гордан Калајџиев.
„Бројот на завршени матуранти од година во година се намалува, а капацитетите на веќе постојните државни и приватни факултети сė помалку се искористени, односно бројот на новозапишани студенти се намалува. Ова, се разбира, е финансиски погубно за приватните универзитети, а не е ништо порационално ниту за државата. На почетокот на овој процес на академска експанзија, особено со отворањето на приватните факултети, имаше и определени позитивни процеси, особено во намалувањето на бројот на групите студенти, во смисла на воведување повеќе интеракција во предавањата и посветување поголемо внимание кон секој студент. Но, од друга страна, можноста студентите да се презапишат на друг факултет каде што полесно се полагаат испитите, битно го намали квантумот на знаење потребен да се положи испит односно да се заврши факултет, што е извонредно штетен ефект од оваа супер експанзија. Затоа тврдам дека дополнителното отворање на нови факултети е непродуктивно и штетно за општеството во целина“, вели Калајџиев. Тој се сомнева дека вистинската причина за ваквата одлука „е да се уништи УКИМ како упориште на македонската интелигенција“.
Нема стратегиски инвестиции
Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија во академската 2014/2015 година се запишале вкупно 59.359. Најголем број студенти или 87.3% се запишани на државните, а 12.2 % на приватните високообразовни установи. Во прва година на студии во 2014/2015 година се запишани 18.942 студенти или 31.9% . Но, во оваа бројка се опфатени и студентите кои по втор, трет и повеќе пати запишуваат прва година. Институциите не располагаат со податоци за просечниот период на студирање, колку од запишаните студенти дипломирале, колку од нив се апсорбирани од домашниот пазар на трудот, а колку заминале во странство. Но, нема ни сеопфатна анализа за состојбите на факултетите и за кадровските потреби на општеството.
„Основање на нов универзитет без сеопфатна анализа што им недостига на постоечките, што нудат и каква е потребата од него, во најмала рака е непромислено, неодговорно и на штета на целокупното образование“, вели Дона Костуранова од невладиниот „Младински образовен форум“ (МОФ).
„Основањето на Универзитетот 'Дамјан Груев' е само уште една од долга серија ад-хократски политики во образованието. Во моментов постоечките универзитети едвај успеваат да понудат квалитетно образование на своите студенти, со застарен наставен материјал, речиси непостоечки информатички или културни активности, сиромашен библиотечен фонд и нехумани услови за домување. Наместо суштинска и стратегиска инвестиција во образовните институции, се создаваат нови, кои дополнително ќе ги растегнат ограничените ресурси. Постоечките проблеми само ќе се повторат и на секој нов универзитет, ако не се пристапи системски на нивно темелно надминување“, смета Костуранова.
Потенцира дека падот на квалитетот на образованието во Македонија го чувствуваат учениците, студентите, нивните родители и професори, но се нотира и во значајни документи.
„Државниот завод за ревизија во повеќе наврати има сериозни забелешки до образовните институции. Во извештајот на Светска банка за јавните трошоци на Македонија се посочува дека резултатите во образованието се влошуваат и покрај тоа што се зголемува трошењето на средства. Последната резолуција на Европскиот парламент за Македонија има многу препораки за образованието, вклучувајќи и дека е потребна сеопфатна анализа на образовниот систем пред носење на нови стратегии или одлуки“, укажува Костуранова.
Ни анализа, ни буџет
Одлуката за основање на новиот универзитет не беше проследена со анализа за состојбите во високото образование или за тоа какви кадри и се потребни на земјата, ниту пак беа понудени податоци за финансиските импликации врз буџетот. Петар Атанасов, претседател на Комисија за образование и наука на опозициската СДСМ изјави дека ВМРО-ДПМНЕ гласа за партиски универзитети заради згрижување на своите кадри, а пратеникот на ДПА, Орхан Ибраими, оцени дека новиот универзитет ќе го подели општеството во Македонија.
За првичната верзија на законот опозицијата поднесе 1.000 амандмани и повеќе од 100 дена водеше жестока расправа за потребата од нови универзитети. Овојпат, „Дамјан Груев“ по скратена постапка и на мала врата влезе во академската заедница. Поради отсуството на опозицијата од парламентот, тој се спаси од 1.000 амандмани, но сега академската заедница поставува „1.000 зошто?“. Сметаат дека никогаш не е (пре)доцна за аргументиран одговор.