1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обесете ги боксерските ракавици и фатете се за работа

16 март 2022

Во време кога пред нашите очи се менува постојниот светски поредок, најмалку што ни треба е да си останеме во нашиот препознатлив фазон на самоуништување или бесмислен натпревар на популизам. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/48XhS
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Свет во распаѓање. За жал ова не е насловот на бесмртното дело на Чинуа Ачебе, туку е реалност која ние, луѓето на светот, еве трета година ја живееме. Корона-кризата нѐ уништи , Путиновата агресија на Украинанѐ дотолчи. Короната сензационално исчезна преку ноќ, а светот се исправи пред можноста од трета светска војна. Стопанството крахира, луѓето се сменија, светот се смени. Економијата се тресеше додека луѓето осиромашуваа, а милијардерите го зголемуваа богатството. Оваа криза ни го докажа она правило дека за на некој да му се раздени, некому треба да му се стемни. За жал се стемни на милијарди луѓе, а се раздени на неколку милијардери. Не можам да ја разберам таа патолошка опсесија за пари и моќ. Да имаш една милијарда и да направиш две, нема да ти направи никаква разлика во животот, а не па да имаш 50 и да направиш 60 милијарди.

Оваа воено-политичко-економска криза повторно ни докажа дека алчноста или лудилото на еден човек може да го уништи светот. Замислете пак, колку пати овој свет може да се уништи од алчноста на милиони.

И јасно ми е дека ние на глобално ниво, вака мали, слаби и неважни, не можеме ништо да смениме, но, едноставно ова го чувствувам и сакав и јавно да го објавам.

Е, сега нешто конкретно.

Владата и опозицијата мора здружено да дејствуваат во овој период. Затоа, обесете ги боксерските ракавици на ѕидот и фатете се заедно за работа! Во време на страшен предизвик за човештвото, во време кога очигледно е дека пред нашите очи се менува постојниот светски поредок, најмалку што ни треба е да си останеме во нашиот препознатлив фазон на самоуништување или бесмислен натпревар на популизам. Уште помалку е време за суетно отфрлање на секоја добра идеја само затоа што дошла од спротивниот табор.

Исправени сме пред многу проблеми.

Првиот е тоа што Македонија е 100% зависна од руски гас. Само ние, Босна и Молдавија во светов сме 100% зависни од руски гас. Сите знаеме дека енергетската зависност води кон економска и политичка зависност. Оваа зависност и подреденост не смеевме да ја дозволиме, но ете денес сме во таква ситуација и мора веднаш, здружено да дејствуваме. Мора итно да подготвиме план согласно кој оваа наша зависност кон една држава ќе ја намалиме за најмалку 50% во наредните месеци или година. Лош изговор е дека немаме доволно време или финансии, па ова прашање да го одлагаме и да се помириме со овој факт дека Македонија е 100% зависна од руски гас. За среќа во случајов, но крајно неповолно по животната средини и квалитетот на воздухот, гасот во вкупната потребна енергија по видови на енергенти учествува со околу 10%. Ова значи дека покрај тоа што треба сигнификантно да ја намалиме нашата зависност од руски гас, истовремено треба да го зголемиме и процентот со кој гасот учествува во вкупната потреба на енергенси. Јасно е дека ова ќе биде тешко и многу ќе нѐ чини, па затоа и е невозможно да се успее без заеднички стратешки пристап од двете најголеми партии.

Покрај тоа што сме зависни од руски гас, ние сме и генерално енергетски зависна држава, која според последната статистика изнесува високи 63,7%. Ова значи дека самите си произведуваме само 36,3% од потребната енергија (статистички податоци од 2020 година).

Затоа инвестициите во енергетиката треба да ни станат прв приоритет.

Намалување на увозот и зголемување на производството на храна

Втор приоритет на кој треба максимално да бидеме фокусирани е економијата, со особен акцент на компаниите. Стопанството ни е во грч веќе долго време уште од почетокот на политичката криза во 2015 година, па потоа уште повеќе за време на корона-кризата, за состојбите да кулминираат како резултат на војната во Украина. Ова е време кога државата треба да направи сé, економијата да ја издржи оваа криза, да не се зголеми невработеноста и да не дозволи банкротирање на голем број на компании. Потребно ни е висок процент на реализација на капиталните инвестиции, финансиска поддршка на македонските компании, субвенција на трошоците, односно насочување на буџетот на државата кон бизнисот и фирмите. Дополнително треба да го имаме во предвид фактот што фондот за ПИОМ повеќе од 40% од своите приходи ги добива од централниот буџет, што значи дека повеќе од 40% од секоја една пензија што се исплатува во државата практично се исплатува од буџетот на државата, а не од фондот, па доколку приватниот сектор крахира, нема да има кој да го полни ниту пензискиот фонд ниту централниот буџет. Секогаш кога ќе кажете - државата мора да најде или да обезбеди пари за ова или за она, практично кажувате - компаниите во државава треба да најдат пари за да платат данок и плати за да може потоа да се финансира ова или она. Затоа, поддршката на компаниите треба да биде сериозно и стратешки обмислено и да оди паралелно со кратење на сите непродуктивни трошења. Може да се заштедат десетици милиони евра со кратења на непродуктивните трошења, а потоа заштеденото да се вбризга во економијата преку јавни работи дисперзирани на целата територија на државата.

Размислува ли некој што ќе се случи ако странските компании во зоните ги затворат бизнисите, трајно или привремено? Во зоните и во овие странски компании работат десетици илјади граѓани. Имаме ли стратегија како ова да го спречиме или ако до ова дојде - како да ги намалиме негативните последици? На пример, помислил ли некој дека поради војната во Украина некои фабрики кои таму работата бараат нови локации и дали некој работи на ова во државава? Решението е во силна економска дипломатија која ќе работи не само на привлекување на странски инвестиции во време на криза, туку и на олеснување на домашните компании за пристап на странските пазари.

Земјоделието. Кризата ни покажа дека без енергенси не се може, но без храна уште помалку. Постојаниот пораст на цените на храната силно ќе го погодат и населението и државата. Покрај регулацијата на цените преку разни државни механизми, потребно е и насочување кон сопственото производство. Велиме дека имаме плодна почва и вредни земјоделци, но храна увезуваме. Во овој момент потребна ни е антикризна политика која ќе ни помогне на краток рок сериозно да го намалиме увозот и да го зголемиме домашното производство на храна. Воедно, брзо ќе дојде бербата на грозјето, праските, јаболката и уште голем број на домашни земјоделски продукти за кои ќе биде тешко да се најдат пазари за извоз. Ако сега не мислиме, после ќе биде доцна, па сé ќе се сведе на исплати од буџетот, кој нема да има од што да се полни освен од нови задолжувања. Задолжувањето на државата за исплата на земјоделските продукти кои нема каде да се пласираат, проследено со зголемен увоз на скапа храна, во комбинација со задолжување за финансирање на пензискиот и неразвојниот буџетски дефицит е самоубиствена економска политика. Овој вртлог може да ни ја повлече целата економија во колапс. Затоа, субвенциите кои ги делиме на земјоделците треба да бидат помалку социјална, а повеќе економска категорија и да бидат насочени кон намалување на зависноста од увоз на храна. Ова е тешка реформа, но во кризава и на долг рок неопходна.

- повеќе од авторот:Мораториум на вработувања во администрација за зголемување на наставничките плати

Водењето држава подразбира носење на тешки одлуки кои некогаш нема да бидат прифатени со воодушевување, но што е уште поважно, антиципирање на проблемите и предизвиците со цел подготвеност за нивно решавање, а не водење политика од денес за утре, базирана на дневните реакции на социјалните мрежи.

- повеќе од авторот: Четири поглавици наместо 90 пратеници

Ова го пишувам, за да се освестиме и да не дозволиме економски и општествено да пропаднеме под притисокот на популизмот и желбата за подобар резултат на следните избори. Тешките времиња бараат тешки одлуки, во чија основа императив секогаш мора да е опстанокот и развојот на државата, а не бројот на гласови на следните избори.