Време е Орбан да се загрижи
24 декември 2020Виктор Орбан со својата партија Фидес доминира на унгарската политичка сцена веќе десет години. Тој собира широк политички спектар, од центар до крајни десничари. Со својата етатистичка економска политика стана интересен дури и за бројни бивши гласачи на левоориентираните партии.
Од 2010 година Фидес во сојуз со малата Демохристијанска народна партија (КДНП) трипати победи на изборите, секогаш со двотретинско мнозинство. Досега опозицијата во Унгарија немаше начин за спротиставување на таквата надмоќ. Дури нејзините претставници во предизборните кампањи изгледаа малодушно и парализирано.
Орбан поврмено им се потсмеваше, зборувајќи дека за неговиот и имиџот на Унгарија во странство толку слаба опозиција не е добра, зашто сѐ почесто ќе се зборува дека тој е диктатор. Сега унгарската опозиција направи голем чекор со намерата да ја оконча доминацијата на системот на Орбан и да воведе „смена на епохи".
Првпат шест најважни опозициски партии заедно ќе излезат на избори, со заедничка листа кандидати и заеднички кандидат за премиер. Одлуката ја донесоа во неделата (20 декември), по долги и исцрпувачки дебати. Спектарот партии во опозицискиот сојуз е од лево-прогресивни преку либерално-зелени до национално-конзервативни.
Договорот е направен доста рано- изборите се пролетта 2022 година.
Гаранции за смена на епохи
Истовремено е усвоена програмска платформа со целите на идната влада. Амбициозниот документ е наречен „Гаранции за смена на епохи."
Целта е повторно воспоставување независно правосудство и слобода на печат, транспарентно водење на владините работи со обврска за образложување како се трошат парите на даночните обврзници. Планирано е донесување нов устав и изборен закон, воведување директен избор на претседател на државата, отворање на досиејата на бившите припадници и доушници на тајната служба. Освен тоа, опозицијата има намера да ја надмине длабоката поларизација на општеството.
Повеќе на темата:
Унгарско вето за буџетот на ЕУ: Орбан сам дома
Унгарија: Секс-скандалот го потресува системот на Виктор Орбан
Кој ги има Орбан и компанија за партнери, не му требаат непријатели
Заедничкиот настап на опозицијата е важен од повеќе причини. Таа со години беше раскарана и расцепкана. Системот на Орбан фаворизира силни партии и делумно е прилагоден на потребите на владејачката Фидес. Затоа многумина експерти изборите во земјата ги оценија како „слободни, но нефер." Во такви услови само заеднички опозициски блок има шанса против партијата на Орбан.
Заситеност од Орбан
Овојпат нема сомнеж дека опозиционите партии на избори ќе излезат заеднички. Тој модел е веќе испробан на низата локални избори минатата есен. Оттогаш на пример, главниот град Будимпешта е во рацете на опозицијата. Владата на Орбан неодамна усвои промени на изборниот закон со кои на малите партии дополнително им се отежнува излез на избори. Со тоа опозицијата практично е принудена да се обедини.
Одлуката падна во стратешки поволен момент. Во Унгарија се шири извесна заситеност од Орбан. А и премиерот понекогаш изгледа како да го напуштило чувството за расположението во општеството.На пример, неговиот сѐ поагресивен став кон ЕУ не наидува на одобрување дури и кај некои традиционални избирачи на Фидес. И во спорот околу механизмот на правната држава Орбан според анкетите се постави против мнозинското расположение во земјата.
Аферата „Сајер" неодамна ја потресе партијата на Орбан. Јозеф Сајер, еден од основачите на Фидес и пратеник во Европскиот парламент, пријател на Орбан со хомофобни настапи, фатен е во Брисел на хомосексуална забава која била илегална поради забраната за собирање за време на пандемијата.
За многу Унгарци тоа беше одличен пример за лицемерие на политичарите од Фидес кои ги бие глас дека се потонати во корупција.
На опозицијата ѝ оди во прилог што склучи договор во таков момент и излезе со силна програма. Но, таа мора да се избори со неколку проблеми. Најголемата партија во опозицискиот сојуз е Демократската коалиција, која ја сврстуваат во левите сили, иако идеолошки е тешко да се дефинира.
На чело на оваа партија е бившиот премиер Ференц Ѓурчан, кој ја симболизира социјално-либералната власт меѓу 2002 и 2010 година, чиј печат беа бројни корупциски афери и политички скандали. Тоа го овозможи подемот на Фидес.
Ѓурчан грчевито се држи до својата улога на сива еминенција на опозицијата. Има намера својата сопруга Клара Добрев, која не е посебно омилена, да ја протурка за премиерска кандидатка. Многу попопуларниот градоначалник на Будимпешта Гергељ Карачоњ засега не сака да прифати кандидатура за премиер.
Само чисти кандидати
Предизвик за останатите опозициски партии ќе биде односот кон партијата Јобик, порано собиралиште на десни екстремисти. Јобик додуша се огради од своето екстремно десничарско минато и се става себе си во умерениот конзервативен спектар. Во пракса многу политичари од таа партија не се веродостојно дистанцирани од своите екстремни ставови од минатото.
Пример се неодамна одржаните локални избори во источна Унгарија, каде политичарот на Јобик, Ласло Биро беше заеднички кандидат на опозицијата, но претрпе пораз меѓу другото и поради претходните контроверзни антисемитски изјави.
За да не сповторат такви работи, опозицискиот сојуз сака да го претресе минатото на сите свои кандидати за изборите во 2022 година. Никој кој давал подбуцнувачки изјави или бил вклучен во афери не смее да биде на листата.
Општо земено, опозицијата би можела да смета и на победа. Во најновите анкети опозициониот блок е дури и пред Фидес. Политикологот Габор Терек затоа изјави дека е дојден моментот „Орбан и неговата партија да се загрижат".