1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинение против Ули Хенес за затајување данок

ЖА/дпа30 јули 2013

Обвинителството во Минхен подигна обвинение против Ули Хенес за даночно затајување. 61-годишниот претседател на ФК Бајерн Минхен на почетокот на годината самиот се пријави до надлежните власти.

https://p.dw.com/p/19HJy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Стопанската комора на Покраинскиот суд во Минхен сега е на потег - таа треба да одлучи за обвинението и да даде дозвола за отворање главна постапка, соопшти претставникот денеска (30.07). 61-годишниот претседател на ФК Бајерн Минхен на почетокот на годината самиот се пријави до надлежните власти за затајување данок. Тој ги премолчал парите на банкарска сметка во Швајцарија, изјави тој за магазинот „Фокус“. И покрај даночната афера, Хенес остана на челната позиција на Надзорниот одбор на фудбалскиот клуб Бајерн. Раководството на клубот ја одби неговата понуда да ја стави во мирување својата функција до разчистувањето на случајот.

Судот во Минхен денеска соопшти дека Државното обвинителство вчера ја завршило својата истрага и денеска подигнало обвинение.

„Со оглед на обемот на истрагата и фактот дека на одбраната и‘ е обезбеден рок од еден месец за да се изјасни, одлуката на судот за отворање постапка не може да се очекува пред крајот на септември 2013 година“, соопшти портпаролот на судот Андреа Титц. Пред да биде објавена одлуката дали ќе започне процес, нема да бидат објавувани никакви детали во врска со обвинението, во согласност со законските прописи.