1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинение за измама против Елон Маск

ЖА / агенции
28 септември 2018

На Елон Маск му се заканува смена од врвот на електропроизводителот „Тесла“, откако Американската комисија за хартии од вредност го обвини за измама.

https://p.dw.com/p/35dMb
Elon Musk
Фотографија: Reuters/J. Skipper

Американското регулаторно тело го обвинува познатиот менаџер пред Американскиот сојузен суд во Менхетен поради тоа што со своите твитови за наводно планирано повлекување на фирмата од берзата, ги довел во заблуда инвеститорите. Елон Маск пак тврди дека не направил ништо погрешно и е разочаран од подигнувањето на обвинението, со оглед што отсекогаш во постапките се раководел од вистината, транспарентноста и доброто на инвеститорите. Управниот одбор на „Тесла“ застана во негова одбрана.

На сметка на Маск, кој воедно раководи и со фирмата за вселенски летови СпејсИкс, се става гревот и за загубите на пионерската фирма во производство на електромобили, „Тесла“, која на берзата е проценета на околу 50 милијарди долари. Акциите на „Тесла“ за краток период паднаа за 12 проценти. Покрај правните проблеми, концернот на Маск сега го мачат и производни тешкотии.

повеќе: „Елон Маск звучи крајно неверојатно“

Зад производителот на електромобили остануваат два турбулентни месеци, откако Маск на 7. август на своите преку 22 милиони следбеници на Твитер им напиша дека можеби ќе го повлече концернот од берзата, за 420 долари по акција, и дека финансирањето е обезбедено. Со тоа „Тесла“ би била вреднувана на 72 милијарди долари. По твитот на Маск, се случија силни движења на курсевите. Подоцна, Маск ретерираше и изјави дека „Тесла“ останува на берзата. Се испостави дека тој не добил никкави ветувања од инвеститори.

Црвената „Тесла“ во вселената

Американската комисија за хартии од вредност во тужбата истакнува: 

„Сметаме дека Маск дошол до сумата 420 долари за акција така што додал 20 проценти од очекуваната вредност на акциите на 'Тесла', а потоа ја заокружил бројката на 420 долари, поради значењето што оваа бројка го има меѓу корисниците на марихуана, како и поради тоа што мислел дека неговата девојка тоа ќе го сфати како добра шега“, обвини Стивен Пејкин, висок службеник на СЕЦ. 

Бројката 420 се смета за меѓународен симбол на марихуаната, а денот на марихуаната е 20 април. Поради постоење сомневање за вршење пазарни манипулации, следеа и колективни тужби од инвеститори, а и Министерството за правда на САД води истрага за случајот. Маск неодамна се најде во фокусот на јавноста и критиките, кога за време на едно видео пушеше марихуана.

„Тесла“ е нотирана на берзата од 2010 година, а Елон Маск има удел од околу една петтина од компанијата.