„Обамакер“: Нов неуспех на Трамп
28 јули 2017Законот со кој претседателот на САД Доналд Трамп сака да го измени здравствениот систем во земјата кој го воспостави неговиот претходник Барак Обама повторно не беше изгласан доцна синоќа за време на гласањето во американскиот Сенат.
Најмалку тројца републиканци - Џон Мекејн, Сузан Колинс и Лиза Мурковскибн- гласаа против, и резултатот од гласањето беше 51 „против“, а 49 „за“. Ова гласање на Трамп е веќе трет обид да се измени дел од регулативите од т.н. „Обамакер“, закон кој беше еден од најважните кој го усвои претходната администрација. Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконели, ова го опиша како разочарувачки момент.
Републиканците во драматично заседание го одложуваа гласањето обидувајќи се да ги убедат колегите да гласаат за предлогот на Трамп. Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, повеќе од 20 минути разговараше со Мекејн, но без успех.
Агенцијата Асошиетед прес оценува дека ова е сериозен удар за републиканците и за плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за здравствена реформа. Со т.н. „слабо укинување“ би се повлекле спорните одредби на законот. Трамп во реакцијата на синоќешното гласање објавена на Твитер порача: „3 републиканци и 48 демократи го разочараа американскиот народ. Како што кажав на почетокот, да оставиме 'Обамакер' да имплодира и тогаш да дејствуваме“.
32 милиони Американци на тој начин би останале без здравствено осигурување и тоа беше клучен фактор кој влијаеше еден дел републикански сенатори да не го прифатат предлогот на шефот на републиканското мнозинство во горниот дом на американскиот Конгрес.