1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама сака да ја заузда „прислушувачката страст“ на НСА

ЖА/дв/дпа/афп25 март 2014

Американскиот претседател Барак Обама сака да го ограничи првенствено масовното и систематско зачувување на телефонски податоци. На идниот шеф на тајната служба тоа веројатно нема да му се допадне.

https://p.dw.com/p/1BVKy
Фотографија: Imago

Владата на американскиот претседател Барак Обама подготви предлог-закон, со кој на Агенцијата за национална безбедност (НСА) ќе и биде забрането масовно да собира информации и да ги зачувува телефонските разговори на американските граѓани, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Според информации на извори на весникот од американската администрација, функциите за собирање и чување податоци за контактите на Американците ќе бидат предадени на телекомуникациските компании.

Предлозите на Белата куќа предвидуваат дека НСА ќе може да добива само дел од тие податоци и тоа доколку има специјално одобрение од суд.

Приватните телефонски компании нема да бидат обврзани бараните податоци од НСА да ги чуваат подолго од 18 месеци. Тајната служба моментно ги зачувува на период од пет години.

Се очекува предлог-законот во Конгресот да биде доставен на 28 март. Доколку Конгресот го изгласа законот, тоа ќе значи крај на жестоко критикуваната надгледувачка и прислушувачка пракса на НСА. Досегашната програма за шпионирање, според желбата на американската влада, треба последен пат да биде продолжена за 90 дена, по што треба да ѝ се стави крај. „Њујорк тајмс“ известува дека паралелно со владата, законски натпартиски предлог подготвуваат и пратениците од Комисијата за тајните служби во Претставничкиот дом. Тој треба да овозможи заштита на телефонските разговори на американските граѓани, но дозволува собирање податоци во случај на сомнеж за шпионажа или тероризам. Тој претставува компромисен предлог.

НСА вршела прислушување и шпионирање на електронските комуникации и зачувување на податоците на стотици милиони Американци и странци, што на виделина го изнесе нејзиниот поранешен соработник Едвард Сноуден, а во светот предизвика општо огорчување.