Обама: „Нема да дозволиме калифат во Ирак и во Сирија“
9 август 2014Барак Обама изјасни во основа подготвеност за опсежни воздушни напади против исламистите во Ирак.
„Нема да дозволиме тие да создадат калифат во Ирак и во Сирија“, изјави американскиот претседател во интервју за весникот „Њујорк тајмс“. Но, според него, предуслов е ирачкото раководство да ги прекине меѓусебните кавги и да најде пат за соработка. Доколку постои партнер на ирачка страна, можна е поголема поддршка од страна на САД во напорите за справување со радикалните борци на екстремистичкото движење Исламска држава.
Американскиот претседател Барак Обама не определил краен датум за воените напади во Ирак, соопшти претходно и Белата куќа, дополнувајќи дека тоа ќе зависи од тамошната безбедносна ситуација. Одобрението на Обама за ограничени воени удари во Ирак може во иднина да вклучи поголема воена помош за ирачките безбедносни сили, откако ќе се формира новата „обединета“ влада, изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Ернест.
Ернест дополни дека првично американската поддршка ќе се состои во воени напади во заштита на американскиот персонал, кој работи во Ирак, и како конкретна помош во вонредната хуманитарна ситуација во планината Синџар. САД, меѓутоа, имаат и трета цел, „поврзана со нашето верување и ангажман за поддршка на ирачките и курдските безбедносни сили, додека ја обединуваат земјата и ја одбиваат заканата“, што ја претставуваат борците на „Исламска држава“. Портпаролот повторно истакна дека во Ирак нема да се испраќаат американски војници.
САД вчера првпат дирекно се вмешаа со воздушни напади во Ирак за да го запрат напредувањето на исламистите од ИД. Со тоа треба да биде запрен нивниот освојувачки поход кон градот Ербил и егзодусот и прогонот на верските и етничките малциства од страна на екстремистите.
Џон Мекејн: Воздушните напади во Ирак се „половични мерки“
Републиканскиот сенатор Џон Мекејн ги критикуваше воздушните напади во Ирак како „половични мерки“. Во интервју за „Дејли бист“ Мекејн, кој е поранешен претседателски противкандидат на Барак Обама, побара порешителни акции против исламистичката група „Исламска држава“. Според Мекејн, Вашингтон го дал најслабиот од сите можни одговори на заканата од џихадистите. Тој истакна дека решение на проблемот со „Исламската држава“ не може да биде постигнато додека групата има свои центри во Сирија.
Велика Британија ќе даде техничка помош за операцијата на САД во Ирак
Велика Британија ќе обезбеди техничка помош за операцијата на САД во Ирак, што се состои од полнење на авионите со гориво и воздушно разузнавање, соопшти британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон, цитиран од ИТАР-ТАСС.
„На САД ќе им дадеме техничка поддршка во оваа мисија“, соопшти Фалон, дополнувајќи дека Лондон ќе земе учество и во хуманитарната операција.
„Уште следните неколку дена во Ирак ќе доставиме хуманитарна помош која ќе им биде поделена на жителите кои настрадаа од борбите во земјата“, дополни тој.
Кентерберискиот бискуп Џастин Велби денеска изјави дека „вратите на Обединетото кралство треба, како оние во Франција, да бидат отворени за бегалците христијани“, кои се наоѓаат под закана од џихадистите во Ирак. Француската Влада на 28 јули соопшти дека сака да го охрабри пристапот за ирачките христијани на своја територија. Првите 11 Ирачани, кои добија виза, вчера пристигнаа во Париз.
Курдите продолжуваат со борби против џихадистите
По американските воздушни напади против исламистите од ИД, во северен Ирак продолжуваат и борбите кои со нив ги водат курдските борци. Курдските Пешмерга борци одбиле напад на исламистите врз гратчето Тус Хурмату јужно од градот Киркук, известува ирачката информативна страница Шафаак њус денеска. Притоа, екстремистите претрпеле големи загуби.
Американските авиони вчера бомбардираа позиции на ИД во близина на градот Ербил, кој се наоѓа северно од Киркук. Против исламистите воздушни напади извршила и ирачката армија.