Обама го рече она што Полјаците сакаа да го чујат
5 јуни 2014Обама во својот говор на варшавскиот Плоштад пред кралскиот дворец искажа почит кон полските стремежи за слобода, кои доведоа до пад на комунизмот.
„Искрата за преврат полета одовде, овде беше пишувана историјата“, изјави американскиот претседател вчера (4.06) пред околу 50 шефови на држави и влади и познати политичари собрани во Варшава. Тој ги нагласи политичките и економските успеси на Полска од првите, полуслободни избори пред 25 години. Имајќи го во вид развојот на ситуацијата во Украина, Обама на Полјаците им вети неограничена воена поддршка од САД. Тој нагласи - напад врз Полска би бил како напад врз американска територија. Обама изјави дека знае оти Полјаците своевремено биле предадени од најдобрите пријатели во момент кога било најтешко и и‘ биле најпотребни.
„Никогаш веќе нема да бидете сами“, им порача американскиот претседател на Полјаците.
Одушевување, но и отрезнување
„Обама кажа се‘ што Полјаците сакаа да слушнат од еден американски претседател“, вели Јацек Кухарчек, директор на угледниот варшавски Институт за меѓународни односи (ИСП) во разговор за Дојче веле.
Другиот дел од говоорт кој се однесуваше на Украина беше „строго политички“.
„Верувам дека никогаш досега украинското политичко самоопределување не било толку тематизирано во говорот на еден американски претседател“, смета овој политички аналитичар.
„Тоа беше емоционален и силен говор“, вака го коментираше настапот на Обама полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски. Но, според него, Обама не отиде доволно далеку. Шикорски веќе одамна во Вашингтон се залага за тоа американските претставништва да бидат трајно стационирани во Полска. Обама само вети дека ќе побара од Конгресот еден милион американски долари за јакнењена американското воено присуство во Источна Европа. Тоа би требало да јазголеми одбранбената подготвеност на земјите како Украина, Молдавија и Грузија, нагласи Обама, кој на маргините на свеченостите во Полска се сретна со новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко, кому му сигнализираше поддршка.
„Убаво е да се чуе како Обама говори за јакнење на овие земји, но не знаеме што значи тоа во пракса“, резимира Кацек Саруж-Волски во весникот „Газета Виборшча“, објаснувајќи ја така полската претпазливост.
Освен тоа, укажува угледниот полски пратеник во Европскиот парламент, не се знае дали Конгресот ќе ги прифати плановите на Обама. И познатата американска публицистка и експерт за Источна Европа, Ен Еплбаум, која говорот на Обама го оцени како „феноменален“ преку Твитер порача дека сега по зборовите треба да следат дела.
А тоа навистина би можело да биде проблем. Шефовите на држави и влади кои се собраа во Варшава не можеа да се договорат ниту околу заедничка декларација.
„Варшавската декларација“, која беше прочитана на почетокот на манифестацијата на плоштадот во главниот град на Полска, не ја прифатија сите учесници, се дознава од американски дипломатски кругови.
Аџилак во „земјата на слободата“
И германскиот претседател Јоахим Гаук верува дека говорот на Обама успеа да допре до голем број Полјаци, се дознава од кругови блиски на претседателот. Гаук, кој патувањето во Варшава го нарече „аџилак во земјата на слободата“, рече дека Варшава е прва станица во сеќавањето на настаните од 1989 година. Тој „маратон на спомени“ тој има намера да го продолжи во Братислава, Прага, Будимпешта и Лајпциг.