1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново пребројување на сите гласови на претседателските избори во Авганистан

СН/ам/миа/афп/доа13 јули 2014

Во спорот околу исходот од претседателските избори во Авганистан, двајцата конкуренти Абдула и Гани, според зборовите на американскиот државен секретар Кери, се согласиле одново да бидат преброени сите гласови.

https://p.dw.com/p/1CbzS
Фотографија: Shah Marai/AFP/Getty Images

Американскиот државен секретар Џон Кери соопшти дека претседателските кандидати во Авганистан се согласиле за ревизија на кутиите со гласачки ливчиња по спорните претседателски избори во земјата.

Блокадата настана поради вториот круг од изборите одржани минатиот месец, на кои Авганистанците избираа наследник на претседателот Хамид Карзаи.

Кери по дводневните преговори во авганистанскиот главен град Кабул, соопшти дека двајцата претседателски кандидати Абдула Абдула и Ашраф Гани Ахмаџај, се согласиле за целосна ревизија на изборните резултати со меѓународна контрола.

„Секој еден даден глас ќе биде преброен. Двајцаа кандидати уверија дека ќе се вклучат во сеопфатна проверка на гласовите и потоа ќе го прифатат исходот“, изјави Кери.

Кандидатите, исто така, прифатиле и формирање влада на национално единство. Според прелиминарните податоци на Независната изборна комисија, во вториот круг од изборите Гани освоил околу 56 отсто од гласовите, додека Абдула 44 проценти. Авганистанскиот претседател во заминување, Хамид Карзаи, го поздрави постигнатиот доовор. Тој изрази надеж дека новото пребројување на гласовите ќе се одржи најбрзо што може.

Според наводите на Кери новото пребројување на гласовите треба да се случи во рок од 24 часа во Кабул, Војници на НАТО и на авганистанската армија треба да ги транспортираат гласачките кутии во главниот град. „Пребројувањето треба да биде спроведено во согласност со највисоките меѓународни стандарди“, изјави американскиот минитистер за надворешни работи.