Новите лица во Бундеслигата
Многу нови талентирани фудбалери ги засилија клубовите во Бундеслигата за сезоната 2016/17. Ви ги претставуваме најголемите засилувања, од кои повеќето се млади таленти.
Усмане Дембеле, Борусија Дортмунд
Дортмунд загуби неколку клучни играчи, но Дембеле можеби ќе успее брзо да ја врати довербата во тимот. Овој 18-годишник одигра само една полна сезона како професионалец за францускиот Рен, но таа му донесе големо меѓународно внимание. Сега е голема надеж на Борусија.
Онджеј Дуда, Херта Берлин
Дуда го нема меѓународниот профил на другите играчи на листата, но Херта веќе заврши на седмото место во лигата без звучни имиња во тимот. Тој е еден од најголемите таленти на Словачка, а доби шанса да настапи и на Европското првенство и покрај тоа што има само 21 година. Би можел да му биде од голема помош на тренерот Пал Дардаи.
Брил Емболо, Шалке
Новиот спортски директор Кристијан Хајдел го претпостави заминувањето на Лерој Сане и го ангажираше Емболо од Базел. Тинејџерот веќе има искуство во Лигата на Шампионите, како и 14 настапи за швајцарската репрезентација.
Рафаел Гвереиро, Борусија Дортмунд
Португалија има нова генерација со неверојатни таленти, а Гвереиро е еден од нив. Стигна до финалето на Европското првенство до 21 година, а потоа и го освои првенството со сениорите летово. Откако неговиот Лориен испадна во втората француска лига, Гвереиро замина за Дортмунд.
Ален Халиловиќ, Хамбургер
Најавуван како новиот голем талент од Хрватска, 19-годишниот Халиловиќ минатата сезона ги одигра речиси сите мечеви за шпанскиот Спортинг Хихон. Но, матичната Барселона нема место за него во тимот. Шансата да стане следната хрватска суперзвезда ќе ја има во Хамбургер, кој веќе со години се мачи во лигата.
Наби Кеита, Лајпциг
Неговиот трансфер во Лајпциг беше обвиткан во контроверза- затоа што тој е веќе петти играч кој од Салзбург преминува во германскиот клуб. Заеднички им е сопственикот- Ред Бул. Но, неговиот талент е неспорен. Со неполни 19 години веќе постигна 14 гола за Салцбург минатата сезона, а настапуваше и за Гвинеја на Африканскиот куп.
Ренато Санчез, Бајерн Минхен
Ренато Санчез беше една од ѕвездите на Европското првенство и ја освои наградата за најдобар млад играч. Бајерн го купи од Бенфика пред почетокот на турнирот, па веројатно ги чинеше далеку помалку. Можеби нема експресно да се наметне во Бундеслигата, но го поседува талентот за да биде идна ѕвезда.