Новиот премиер Борис Џонсон?
25 јуни 2016Кога Борис Џонсон во февруари најави дека ќе ја поддржи кампањата за излез на Велика Британија од ЕУ, дебата истиот момент стана поинаква. Џонсон го сакаат, како јавноста, така и членовите на Конзервативната партија. Кога тој, како силна личност од политичкиот естаблишмент официјално застана на чело на поддржувачите на брегзит, и’ даде на кампањата тежина каква што дотогаш немаше. Нејзините симпатизери, имено, беа прилично маргинални политички личности како Најџел Фараж и Џорџ Галовеј.
Премиерот Дејвид Камерон со недели го убедуваше Џонсон заедно со владата да се бори за останување на земјата во ЕУ. Поранешните анкети покажаа дека, ако Џонсон застане на страната на противничкиот табор, резултатите би биле многу поинакви. Токму тоа и се случи.
„За разлика од многу други политичари тој јасно зборува и допира до луѓето од сите политички убедувања“, вели Адам Бинков, заменик уредник на интернет порталот politics.co.uk. „Тој не е типичен политичар. Зборува работи кои другите не ги сакаат. Некогаш, додуша, ’си пука самиот во нога’, но човек не го заборава. Луѓето го познаваат и тој е најомилен политичар во Велика Британија.“
Многумина се уверени, вели Бинков, дека одлуката на Џонсон да го поведе таборот на оние кои се за брегзит беше опортуничтички, шаховски потег. Бинков смета оти кај Џонсон не станува збор за вистинско убедување, туку со тоа првенствено сакал да ги подобри сопствените шанси во намерата да стане шеф на конзервативците.
Сега, кога Британците навистина гласаа за брегзит и премиерот Камерон поднесе оставка, во овој момент како кандидат со најголеми изгледи за премиер важи токму Џонсон. Но, кој е тој мистериозен политичар и што е тоа што го прави толку популарен?
Тип на победник
Пред да влезе во политиката Џонсон имаше успешна новинарска кариера. Пишуваше за „Тајмс“ и „Дејли телеграф“, во во 1999. година премина на местото уредник во конзервативниот магазин „Спектејтор“. Новинарството го напушти во 2001. година и премина во политика- стана пратеник во парламентот. Но и натаму пишуваше колумни. Дури и во периодот кога беше градоначалник на Лондон значително повеќе заработуваше од новинарство, отколку како политичар. По 8 години поминати на местото градоначалник, се повлече во Долниот дом во британскиот парламент.
Џонсон своето име го создаде со смелите забелешки и чудниот хумор. На многумина тоа им е поприфатливо од често безбојните политичари во Вестминстер.
„Ако гласате за Ториевците (конезервативците).., тогаш вашата жена ќе добие поголеми гради, а вашите шанси да станете сопственик на БМВ ќе пораснат“, рече во 2005. година за време на изборната кампања за Долниот дом. На незборанвната видео-снимка која на интернет ја видоа милиони луѓе, се гледа како Џонсон се заглави на жичница за време на Олимписките игри во Лондон 2012.
„Едноставно е харизматичен“, оценува политичкиот аналитичар Џејмс Бладворт. „Во неговата партија и тоа како се свесни за тоа. Борис е едноставно тип на победник. Но, тој многу добро свири и на идеолопшката клавијатура на партијата- што е многу ретка комбинација.“
Кога Џоснон во 2008. година го победи лабуристичкиот кандидат, Кен Ливингстон, во трката за градоначалник на Лондон, тоа беше првата голема победа за конзервативците по 1997. година, значи, по трумфалното вселување на Тони Блер во Даунинг стрит. Џонсон го победи Ливингстон и во 2012. година и така ја зацврсти својата репутација на победник.
И покрај неговите често шашави испади, неговата неуредна фризура и склоност кон непримерни забелешки, веќе долго се шпекулира дека Џонсон ќе го поттисне Камерон како ученик од елитните универзитетски градови како што се Итон и Оксфорд.
Вицови не му доликуваат на премиер
Но, тука има и многумина кои неговото делување го доведуваат под прашање. Во време кога беше градоначалник на Лондон се покачија цените на јавниот превоз, а дојде и до повеќе спорови околу тарифните договори со синдикатите.
„Кога ќе се погледнат неговите два мандата мора да се каже дека не постигна многу“, смета Бинков. „На последните избори не ветуваше многу. Неговата изборна програма беше прилично слаба. За време на последните 4 години во градското собрание владееше некој вид застој. Може да се каже оти тој беше многу повеќе окупиран со други работи, на пример со пишување книги.“
Кога се повлече од местото градоначалник, најголемиот број од весниците ги објавија неговите грижливо собрани изреки. Иако некои од нив се многу омилени, тие можеби сепак не одговараат на еден премиер. Така Џонсон неодамна оцени дека во Портсмут, град во јужна Англија, има „премногу дрога, премногу дебели, премногу неуспех и премногу лабуристички пратеници“.
„Уверен сум дека тој не би бил добар премиер“, вели Џејмс Бладворт. „Кога е човек претседател на една партија тогаш не може баш толку лесно да напредува со вицкасти забелешки.“