1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови хотели за нови гости во Охрид

Милчо Јованоски1 јуни 2014

Странците и во пред сезоната се далеку побројни од домашните гости во Охрид. Хотелиерите го чекаат летото со низа новини преку кои веруваат дека гостите ќе заминат задоволни и ќе бидат најдобрата реклама за градот.

https://p.dw.com/p/1CA67
Фотографија: Kristian Cierpka

Хотелиерите во Охрид, по релативно успешната пред сезона, со надеж ја очекуваат главната туристичка сезона. Признаваат дека има уште многу нешта што треба да се изменат во понудата, односот кон гостите, нивните желби и најмногу во организираноста на вон пансионската потрошувачка.

„Мораме умешно и со оригинални идеи и исклучиво со квалитет да извлечеме евро повеќе од секој гостин. Истовремено се надеваме дека конечно ќе ја нема анти-пропагандата пред сезоната, присутна во некои медиуми со цел наместо во Охрид, гостите да завршат на некоја друга странска, соседна дестинација,“ вели Михаил Мишев, претседател на Здружението на угостители „Охридски еснаф“.

Хотелот „Палас“ пропаѓа, инвестицијата на Субрата Рој во мирување

Ако некогаш приматот го држеа големите хотели денес реално на охридскиот туристички пазар рамноправно „трчаат“ низа помали пред сѐ приватни хотели кои со флексибилноста и цените им конкурираат на условно големите хотели. Светската економска криза се смета за виновник што во Охрид нема толку посакувана странска инвестиција во оваа област, која ќе го покачи нивото на услугите. Хотелот „Палас“ во срцето на Охрид е транзициска приказна која трае. „Државата го прогласи хотелот за споменик на културата од втор степен. Ја заштити неговата автентичност и намена, но дозволува внатрешни измени“, вели Тања Паскали Бунташеска, директорка на Заводот и Музеј во Охрид. Сопствениците од „Охрид - турист“ барем не јавно, со години не покажуваат иницијатива.

Слична судбина доживеа уште еден објект. Некогашното ПТТ одморалиште кое е на првата линија на охридскиот кеј е сопственост на Тодор Мурѓоски, бизнисмен од Охрид. И тој вели дека светската криза и неизвесноста со инвестициите ги одложила нивните идеи за изградба на нов хотел на истиот простор. Со оглед на тоа што му се случува во сопствената земја, сè помалку луѓе веруваат дека големата инвестиција на Индиецот Субрата Рој ќе се оствари. Државата очекува бум во Свети Наум, но освен со негативните критики од граѓаните упатени за мега проектот ги има и најавите на властите од соседната Албанија, дека за таков крупен проект кој задира во еко-системот треба и тие да дадат зелено светло.

Firma Sahara Group
Инвестицијата на Субрата Рој е во мирувањеФотографија: DW/M. Jovanoski

Во Охрид нов хотел од светски бренд, во Струга хотелот „Изгрев“ пред нов изгрев

Некогашните хотели „Денариус“ и „ Дончо“ од неодамна се ребрендирани со нови имиња и нови сопственици. Се најавува дека непосредно до хотелот „Инекс“ во локалитетот Горица една од најатрактивните локации околу Охридското Езеро за еден месец ќе отпочне изградбата на хотел од светскиот синџир „Small Luxury hotels” кој поседува над 500 објекти ширум светот. Хотелот ќе има 50 соби со 120 легла.

На западното крајбрежие од езерото во полн ек е дотерувањето на до неодамна напуштениот хотел „Изгрев“. Турската компанија „Фибула Ер Травел“ го реконструира речиси од темел и од Македонската православна црква го закупи за половина век. „Изгрев“ ќе биде хотел со пет ѕвезди, а уште оваа сезона се очекува да стане хит со многуте содржини од кои најмногу се зборува за модерниот аква парк.

Следејќи ги светските трендови хотелот „Гранит“ прв на охридско-струшката ривиера се одлучи на домашните и странски гости по иста цена да им нуди и пакети со сите услуги. Сè поквалитетна понуда и комодитет во комбинација со исхрана во некои од блиските ресторани, нудат многуте вили и комплекс апартмани.

Охрид летово – свет на дланка

Освен традиционалните гости од Холандија и од Балканот во кои најбројни се туристите од Турција, Охрид во континуитет станува посакувана дестинација за Балканските тури со гости од Јапонија, Кина и од САД. Преку субвенционирање на туристичките агенции ова лето во Охрид ќе одмораат гости од Австрија, Скандинавија, Русија и Данска. Јавниот повик за субвенционирање на домашна или меѓународна авиокомпанија, која во летната сезона и во текот на целите 2015 и 2016 година ќе требаше да лета два пати неделно на линијата Охрид - Лондон пропаднал, но локалната власт ќе распишела нов. Конечно ова лето ќе профункционира и бродската линија Охрид - Поградец. Потврдата за оваа иницијатива стигна од албанска страна.

Mazedonien Kloster Sv. Naum in Ohrid
Свети НаумФотографија: DW/M. Jovanonski

Ќе се брендираат охридската цреша и ѓомлезе

Напливот на гости со различни традиции и храна бара промена и во понудата на хотелите, рестораните и кафеаните. Строгите критериуми под ХАСАП системот веќе се секојдневие во речиси 90 проценти од комерцијалните објекти.

„ХАСАП системот го применуваме веќе неколку години и гарантираме за квалитетот на храната,“ велат браќата Ерол и Ерхан Сулејманоски сопственици на неколку кафулиња, од кои еден е лоциран на аеродромот во Охрид. Наместо интернационалната кујна, сѐ почесто во хотелите и рестораните на гостите им се нудат македонски-етно специјалитети.

Во рамките на насоката гастрономија, исхрана-диететика Факултетот за туризам и угостителство развива едукативен центар. Обновено е студентското бифе. Сега студентите подготвуваат луксузни јадења, поточно храна која потекнува од различни страни на светот.

„Преку едно истражување дојдовме до алармантен податок, дури 95 проценти од лицата кои работат како шеф на кујна во угостителството на ривиерава имаат завршено само средно образование. Ние се трудиме да им наметнеме на сопствениците на хотелско-угостителските објекти нова стратегија кога се во прашање храната и мениата. Организираме работилници за вино, следат за пиво и послужување на ВИП гости. Наскоро очекуваме претставници од меѓународната асоцијација 'Бавна храна' со седиште во Италија чии систематичари на наш предлог ќе ја испитаат можноста за брендирање на охридската цреша и ѓомлезе,“ вели професор Ангела Василевска.