1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови патишта во борбата против гладот

Харалд Френцен/ Зоран Јордановски27 мај 2016

Една третина од целокупната храна произведена во светот останува неизедена. Главно станува збор за загуби по бербата. Една приватна иницијатива сака да се зафати токму со тоа.

https://p.dw.com/p/1IulZ
Фотографија: Reuters/P. Bulawayo

Кога се поставува прашањето како да се прехрани населението во светот, често се наведува зголемување на производството на прехранбени продукти. Но, притоа се испушта од пред вид колку од произведената храна никогаш не стигнува на трпеза. Значителен фактор тука се таканаречените „загуби по бербата“, поим кој ги опфаќа прехранбените средства кои се фрлаат иако уште се погодни за јадење или се загубени веќе во процесот на производство. Второво главно ги засега земјоделците во земји во развој.

Иницијативата „ЈилдВајз“ од фондацијата Рокфелер во Африка става на располагање 116 милијарди евра за да се бараат решенија на коnтинентот. „Општ впечаток е дека во Африка има недоволно производство, но реалност е дека ние можеме самите да се прехраниме“, вели Мамаду Битаје, извршен директор на иницијативата, во разговор за ДВ. Kако главен проблем укажува дека таму се губат 60 проценти од произведеното.

До сличен резултат дојде и една студија на Светската организација за исхрана (ФАО) во 2011. година, според која човештвото секоја година губи речиси 1,3 милијарди тони прехранбени средства.

Расфрлање со ресурсите

Во многу индустриски земји едноставно се фрла храна која е уште погодна за јадење. Во посиромашните земји, пак, се губи многу од произведеното овошје и зеленчук веднаш по бербата - во Африка на трпеза доаѓа само половина од тоа производство. Загуби настануваат во различни фази на синџирот на производство: оштетување, загадување или губење на растителните производи се случува во складирањето непосредно по бербата, но и при преработката, транспортот или подоцнежното чување во магацини.

Frankreich Lebensmittelverschwendung
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Medina

„Загубите по бербата се проблем со децении, но луѓето не го сфаќаа многу сериозно“, рече за ДВ Прасанта Калита, директор на Институтот за превенција од загуби по бербата при универзитетот на Илиноис (САД). По шокот предизвикан од студијата на ФАО во 2011, дека во 2050. година светското население ќе брои 9,5 милијарди луѓе кои ќе треба да бидат нахранети, одеднаш загубите по бербата станаа важна тема. „За многу луѓе во Африка од животна важност е да го намалиме расфрлањето со прехранбени средства“, вели научникот од САД.

Не е само прашање на обезбедено прехранување

Но, кај овој проблем не станува збор само да има доволно храна за светското население, туку и дека со загубите по бербата индивидуалните земјоделски производители во Африка губат и до 15 проценти од приходите. Од тоа се засегнати половина милијарда земјоделци.

Не треба да се потцени ни влијанието и врз природната околина. Според Мамаду Битаје, околу 25 проценти од слатката вода и една петтина од обработливите површини во светот секоја година се користат за производство на прехранбени средства, кои воопшто нема да бидат изедени. А во многу делови на светот нема доволно вода и плодно земјиште. Дополнително обезбедување обработливи земјоделски површини честопати е поврзано со разорување на еколошкиот систем и загуби во разновидноста на живиот свет.

Потребни се многу финансии

Битаје укажува дека досега недостасуваа пари за поенергично зафаќање со проблемот: „Многу инвестиции во земјоделството одеа за подобрување на продуктивноста“, а само пет проценти биле вложени во менаџирање на процесот по бербата. Калита, пак, нагласува дека загубите се разликуваат од земја до земја, но и од растение до растение, а улога играат и фактори како влажноста во воздухот, температурата и штетниците.

Релевантни се и трошоците. Навистина, има иновативни методи за чување на прехранбените средства, но тие се` уште се прескапи за селаните, вели Калита и се залага за креирање поедноставни технички решенија или за оптимирање на методите за сушење и скалдирање кои веќе се користат на лице место.

Simbabwe Maisfeld Bauern
Фотографија: Reuters/P. Bulawayo

Под лупа и целиот синџир „од нива до трпеза“

Иницијативата ЈилдВајз, вредна 116 милијарди, е голем потфат. Мамаду Битаје, меѓутоа, смета дека е недоволен за да се реши проблемот и прво треба да се испита целиот производен синџир за 4 различни полезни растенија во различни африкански земји и да се идентификуваат загубите долж тој синџир.

На земјоделците треба да им се овозможи пристап до технологии за подобро складирање и конзервирање на прехранбените средства. Треба да се намалат и загубите при обработката и складирањето кај претпријатија кои откупуваат прехранбени средства.

„Сакаме да покажеме што може да функционира, а што не може и веруваме дека и други актери, како влади или приватното стопанство, исто така имаат интерес од изнаоѓање решенја и нивна примена во голем стил“, вели Мамду Битаје.
Целта на иницијативата ЈиллдВајз е амибициозна: до 2030. година треба барем да бидат преполовени загубите што настануваат по бербата. Според таа цел ќе се мери и нејзината успешност.