1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подгреани тензии во Турција

Томас Зајберт/сн30 март 2015

По усвојувањето на новиот законот за безбедност во Турција, критичарите стравуваат од заострување на внатрешнополитичката клима. За време на мајските празници би можело да дојде дотензии меѓу полицијата и демонстрантите.

https://p.dw.com/p/1EzNg
Фотографија: AFP/Getty Images/O. Kose

Парламентот во Анкара во петокот (27.03.), по маратонското заседавање, со гласовите на исламско-конзервативната владејачка партија АКП, усвои нов, спорен закон за безбедност, според кој полицијата има засилени овластувања. Апсењето на демонстранти на протестите и употреба на оружје против демонстрантите сега се значително олеснети. Врз основа на новиот закон, на властите сега им е значително полесно да забранат демонстрации отколку што беше тоа случај досега . Набрзо потоа, парламентот го усвои и новиот закон за интернет, според кој на владата и’ се дава за право, без судска одлука, во рок од 4 часа, да може да нареди блокирање на интернет-страница кој не и’ одговара.

Секуларната опозициска партија ЦХП најави дека поради овој нов закон за безбедност ќе поднесе жалба пред Уставниот суд. Партијата наведува оти се повредени основните слободи на граѓаните. Жалби се очекуваат и кога станува збор за новиот Закон за интернет. Уставниот суд во минатата година, по привремената блокада на Јутјуб и Твитер, јасно ги ограничи можностите за постапување на властите против несакани содржини на интернет.

Опозицијата стравува од последици врз изборната кампања

Со новиот закон за безбедност владата активира политичка „атомска бомба“, коментира политичарот на ЦХП, Левент Гок, во опозицискиот весник „Џумхуријет“. Хасип Каплан од курдската партија ХДП зборува за „фашистички пакет“, кој бил усвоен во парламентот. ХДП повеќепати ја предупредуваше владата од опасностите од усвојувањето на новиот закон за безбедност, бидејќи тој би можел да го загрози мировниот процес меѓу Анкара и Курдите.

Türkei Erdogan bei Willkommenszeremonie in Ankara
Турскиот претседател Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Reuters/Umit Bektas

Со новиот закон завршува „безбедноста на опозицијата на изборите“, вели Каплан. Благодарејќи на новите дозволи за прислушување, владата сега може да прислушува разговори на опозициските партии кои се водат преку интернет и врз основа на тоа да реагира на соодветен начин. „Џумхуријет“ претпоставува дека АКП со новиот закон ги заостува можностите преку полицијата да влијае врз пребројувањето на гласовите на изборите кои ќе се одржат на 7. јуни.

„Веќе сега премногу овластувања“

Владата тврди дека новите прописи се движат во рамките на барањата на ЕУ. Меѓутоа, критичарите се сомневаат во таквите тврдења. „Многу е загрижувачко е веќе и тоа што е повторно усвоен еден закон кој на владата и’ дава поголеми права да делува против критичарите и опозицијата“, изјави за ДВ, Ема Синклер-Веб, претставничка за Турција во организација за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“. Законот би можел да и’ даде на полицијата право за поголема примена на насилство. Од тоа се плаши и Метин Бакалчи, генералниот секретар на турската фондација за заштита на човекови права. Тој за ДВ изјави оти „турската полиција веќе сега има премногу овластувања“. Таа моќ мора да се ограничи и не би требало да се зголемува. Може да се очекува оти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган набрзо ќе ги потпише законите за безбедност и за интернет. Инаку, пред Турција е еден вид тест: собирите за 1. мај, Меѓународниот празник на трудот, може да биде повод за конфликти меѓу полицијата и демонстрантите. Загриженоста е поголема поради тоа што властите не ја исполија желбата на синдикатот и не дозволија собирање на централниот плоштад Таксим во Истанбул. Сојузот на синдикати, ДИСК, најави дека оваа година на 1. мај сака да демонстрира на Таксим. Меѓутоа, градоначалникот на Истахбул, Васпин Сахин, пред две недели рече оти на Таксим нема да биде дозволено одржување на јавни собири.