Алармот за Ковид-19 повторно се вклучува
4 август 2021Новите 164 случаи на заболени со Ковид-19 и три смртни случаи коишто се пријавени изминатото деноноќие, повторно го вклучија алармот во Северна Македонија. Иако надлежните уверуваат дека состојбата е под контрола и будно се следи, бројките покажуваат дека опасноста од нов бран е се пореална. Летово, по олабавувањето на дел од рестриктивните мерки, бројките на заразени беа двоцифрени, а во дневните билтени на Министерството за здравство немаше забележано појава на смртни случаи како последица на опасниот вирус. Податоците од последнава недела, пак, укажуваат на се поголем број заразени, кои денеска ја достигнаа и највисоката бројка летово, а згрижувачки е што расте и бројот на починати.
Бројките стигнаа до 81 случај во саботата и 72 новозаразени во првиот ден од август. Во понеделникот, пак, беа регистрирани 54 нови случаи на коронавирус од направени 3.087 тестирања, а почина и едно лице од Тетово на возраст од 77 години.
Журките и одморите ги покачија бројките
„Растот на бројките се должи на зголемената фреквенција на граѓаните, групирања на отворено и во затворени простории, особено за време на одморите. Не знам дали станува збор за нов бран, но најважно е дека граѓаните мора да ги почитуваат мерките и препораките за заштита“, вели за ДВ директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, Бесим Зеќири.
-повеќе на темата: Нема нови мерки против Ковид-19, Комисијата за заразни болести бара почитување на актуелните
Според него, групирањата на плажите, забавите во дискотеките, масовното собирање на младите за време на летниот период, влијае на порастот на новизаразени. „Луѓето треба да се свесни дека треба да избегнуваат големи групирања, да ги почитуваат мерките за носење маска во затворени простории и да избегнуваат блиски контакти“, укажува Зеќири, кој е член на Комисијата за заразни болести, којашто носи препораки во однос на мерките и заштитата против Ковид-19.
Македонските епидемиолози најавија нов бран најверојатно на средината на август. Тетовски лекари веќе укажуваат дека ситуацијата во градот е алармантна, поради порастот на бројките на новозаразени, од кои голем ден се на кислородна поддршка.
„Би рекол дека состојбата со Ковид-19 во градот станува алармантна. Сега имаме зголемување на бројот и на новозаразени и на хоспитализирани пациенти. Претходно имавме зголемен број на амбулантски прегледи, само вчера ги имавме 64, што навестуваше дека ќе се зголеми и бројот на заразани лица со Ковид-19. Моментално, имаме 24 хоспитализирани пациенти од кои само еден не е на кислородна поддршка“, вели вели д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Клиничката болница во Тетово за порталот сдк.мк.
Според него, една од причините за зголемен број заразени се свадбите и другите свечености кои се организираат во овој период. Но, има и пациенти дојдени од странство кои се позитивни на Ковид-19.
Ситуацијата е стабилна, нема нови мерки
Комисијата за заразни болести по потреба одржува состаноци и во текот на летото и ја следи ситуацијата со коронавирусот. Според Зеќири, и понатаму останува обврската за носење маски во затворено, а нови препораки засега не се предлагаат. „Ги следиме бројките, проценката е дека засега ситуацијата е стабилна. Болниците имаат доволно капацитети во случај на нов бран“, вели тој. Неговиот став е дека и доколку има влошување на состојбата, таа ќе биде далеку од она што беше во екот на пандемијата. Кон тоа ќе придонесе масовната вакцинација на населението, којашто ќе го ублажи ударот на новите мутации.
„Но, граѓаните мора да бидат внимателни, бидејќи и со две дози вакцини, искуството вели дека е можно да се заразат со новите соеви. Поради тоа е неопходно да водат грижа за своето здравје и да не се опуштаат премногу“, апелира Зеќири.
-повеќе на темата: Мирно лето само со масовно вакцинирање
Неодамнешните податоци на Министерството за здравство покажаа дека Скопје, Битола, Тетово, Куманово, Прилеп и Охрид се градовите со најголем број вакцинирани лица, кои ја имаат примено првата доза против Ковид-19. Заклучно со 1 август, 31% од населението во државата над 18 години е вакцинирано со прва доза на вакцината против Ковид-19. Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6%, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2%, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9%.
Во тек е вакцинација без закажување термин во постоечките вакцинални пунктови во земјата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга. Вакцини има доволно и се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат.
„Само од нас зависи дали ќе го пречекаме новиот бран вакцинирани во што поголем процент, ќе го ублажиме и ќе спасиме човечки животи. Барам максимална одговорност, но пред сѐ поддршка и вклученост. Ширете ја пораката дека вакцинацијата е единствен начин да ставиме крај на пандемијата. Разговарајте и убедете ги оние кои сѐ уште се двоумат затоа што веќе е научно докажано и проверено - вакцините функционираат. Тие се безбедни и спречуваат хоспитализација или смрт од Ковид“, порача деновиве министерот за здравство, Венко Филипче.