Новата менаџерска елита
10 мај 2011Во фармерки и едноставна блуза, Берлинда Мкангави внимателно го слуша предавањето, заедно со уште 39 други студенти од 18 земји. Пред четири месеци таа го напушти главниот град на Зимбабве, Хараре и се пресели во германската престолнина. Како и сите менаџери кои сакаат да се стекнат со МБА, односно Мастер по бизнис администрација, и Берлинда освен завршен факултет, има и повеќегодишно работно искуство.
„Десет години работев во различни компании, пред да почнам свој бизнис. Со уште една пријателка отворивме претпријатие за консултантски услуги, каде се концентрираме на создавање брендови. Тоа се прашања од типот што би претставувала некоја марка, што се крие зад неа и колку е веродостојна за потрошувачите.“
Секоја минута е важна
По тричасовното предавање, Берлинда руча во кантината на бизнис школата во Берлин. Но, нема многу време за уживање во храната. Оние, кои студираат тука, знаат дека секоја слободна минута треба да се искористи за учење. Планот на часови и натрупан. Студентите мораат индивидуално или во групи да се подготват за сите предавања, а потоа и да го разработат наученото. Не е доволно само донекаде да се знае за што станува збор на часовите, се смее Берлинда:
„Кога човек еднаш ќе научи да функционира и со три часа спиење навечер, тогаш навистина може да се изнаспие. Не е невообичаено и викендите да ги поминам тука. Тешко е, бидејќи за она што го учиме една година, потребни се, всушност, две. Студентите треба да знаат што ги очекува“, вели Берлинда.
На програмата не се само основите на модерниот менаџмент и стручните знаења околу сите аспекти на функционирање на едно претпријатие. Студентите имаат можност и да стажираат во претпријатијата- партнери на берлинската бизнис-школа. Нејзиниот раководител, Ларс Хендрик Релер, објаснува:
„ Нашата програма за Мастер по бизнис администрација има две тежишта. Првото е одговорно постапување. Тоа е дисциплина, која во Германија е многу тесно поврзана со сфаќањето за социјално пазарно стопанство - етика, одржливост. Другото тежиште е технолошката страна. Како партнери имаме претпријатија, кои технолошки погледнато се многу напредни, светски лидери. Тие два аспекта стојат во заемна поврзаност, што не` прави многу успешни во придобивањето странски студенти“, нагласува раководителот Релер.
Скапа инвестиција
Врвното образование во Берлин има и своја цена. Програмата што ја посетува Берлинда Мкангави чини 38 илјади евра годишно. Кога на тоа ќе се додадат и трошоците за стан и живот во германската метропола, мал е бројот на студенти кои тоа можат да си го дозволат од сопствен џеб. Затоа Европската школа за менаџмент и технологија нуди различни стипендии. Берлинда доби стипендија преку добротворната организација на поранешниот генерален секратар на ОН, Кофи Анан. Таа е наменета, пред се`, за студенти од земјите во развој.
По завршувањето на образованието во Берлин, голем број студенти остануваат во Германија, бидејќи наоѓаат работа во некоја од фирмите. Но, Берлинда се враќа во Зимбабве. Таму, во Хараре, не чека само нејзината фирма, туку и нејзиниот сопруг и трите деца. Но, дотогаш има уште време. Берлинда си ги мести очилата и се враќа на книгите. Денот за неа ни оддалеку не е завршен
Автор: Сабине Кинкарц/Трајче Тосев
Редактор:Борис Георгиевски