Новата грчка влада положи заклетва
9 јули 2019Два дена по победата на конзервативната Нова Демократија на предвремените парламентарни избори во Грција, новата влада на премиерот Киријакос Мицотакис положи свечена заклетва во Атина, јави грчката државна телевизија ЕРТ. Покрај шефот на владата и еден вицепремиер, кабинетот има уште 18 министри. Составот на владата е, според многу набљудувачи, проевропски.
Мицотакис, кој положи заклетва вчера, вети дека земјата ќе ја направи поволна за работење, ќе ги намали даноците и ќе преговара за олеснување на драконските буџетски услови договорени како дел од грчката програма за спасување. Новата влада, која положи заклетва пред атинскиот владика Јеронимос, во голема мерка ја сочинуваат искусни политичари кои служеа во претходните влади, но вклучува и технократи кои се сметаат за стручњаци во своите области.
Повеќе:
-Грција: Промена на власта среде одмори
-Грците немаат доверба во медиумите
-Ципрас и Заев изградија цврсти темели, ќе го издржат ли Мицотакис?
Мицотакис, со оглед на и натаму големите предизвици поврзани со грчката должничка криза, клучната функција - министер за финансии му ја довери Кристос Стаикурас. Тој е економист и инженер кој беше заменик министер во претходната влада. Нов министер за надворешни работи е Никос Дендиас, кој беше во министерството за развој, одбрана и јавен ред.
Новите министри се обврзаа дека напорно ќе работат на исполување на ветувањата на Нова демократија без одложувања.
„Ниту еден ден одмор. Денеска е почеток на напорната работа“, рече Адонис Гордијадис, кој го презема новоименуваното Министерство за развој и инвестиции. Новиот министер за животна средина, Костас Хацидакис, вети „умереност и брзина за ефективна политика“.
„Ветуваме дека ќе ги вложиме сите можни напори за да се соочиме со бројните предизвици кои ни претстојат“, рече новата заменичка на министерката за образование Софија Закараки.
Новиот владин кабинет би требало да ја одржи својата прва седница утре во 11 часот. Партијата Нова демократија на Кирјакос Мицотакис победи на минатонеделните избори освојувајќи 158 пратенички места, односно 72 повеќе мандати во однос на сега веќе опозициската СИРИЗА на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.