1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова претседателка на чело на поделена земја

Синиша Богданиќ/ сн12 јануари 2015

Хрватска доби прва претседателка, но и прв претседател кој не е избран за втор мандат. На чело на државата социјалдемократот Јосиповиќ ќе го замени Грабар Китаровиќ кандидатката од Хрватската демократска заедница.

https://p.dw.com/p/1EIq5
Фотографија: picture-alliance/dpa/Antonio Bat

Интензивниот стрес на кој беше изложена хрватската јавност меѓу двата изборни круга резултираше со големо излезност на избирачите и никогаш толку неизвесно пребројување на гласовите. Кандидатката на десницата, поранешна министерка за надворешни работи од владата на Иво Санадер,, победи „за влакно“ со 50,74 насто од гласовите. Актуелниот претседател, универзитетски професор по кривично-процесно право и композитор, заминува од Пантовчак со освоени 49,26 проценти од гласовите. Според политиколозите никогаш не биле појасни знаците за длабока поделеност на хрватското општество со тенденција на понатамошно продлабочување, со оглед на тоа дека пред земјата се и парламентарни избори.

Граѓаните ги поделија преагресивните кампањи водени од двете страни кои режираа атмосфера на страв евоцирајќи ги воените деведесети години од минатиот век. Додека десните ги нарекуваа левите- комунисти и предавници на националниот интерес, наведувајќи дека Хрватска би требало повторно да се брани од „Југословените“, левите тврдеа дека изборот на Колинда Грабар Китаровиќ ќе ја врати земјата токму во таа трауматична деценија запомнета по крвава војна, криминални приватизации и мал простор за човекови прави. „Сите кои се за Јосиповиќ се против Хрватска“, се слушаше од едната страна. „Госпоѓата Колинда е сателит на американската политика и ќе го продолжи грабежот поради кој ХДЗ е неправосилно осуден“, одговараше другата страна. Војна „до истребување“ најави и самиот премиер Зоран Милановиќ (СДП) вечерта пред изборниот круг со зборовите „или ние, или тие“.

Владата (привремено) го неутрализира бранителскиот бунт

Kroatien Präsidentschaftswahlen 2015 Ivo Josipovic
Претседателот во заминување Иво ЈосиповиќФотографија: Getty Images/AFP/Getty Images

Меѓу „тие“ се и дел од бранителите кои веќе со месеци, многумина ќе речат, на команда од централата на ХДЗ, протестираат пред ресорното министерство тврдејќи дека актуелната власт за нив се грижи лошо. Дотолку повеќе, со истакнат транспарент, меѓу двата изборни круга, објавија своја политичка програма- соборување на претседателот и на премиерот до крајот на 2015. година. Владата, објави податок оти државата на лидерот на протестот Ѓуро Глошки месечно му дава 25.000 куни (околу 3.250 евра), успешно ја разби солидарноста на осиромашените граѓани со демонстрантите и привремено го неутрализираше тој латентен државен удар.

Истовремено, кандидатите продолжија со учества на националните телевизии во кои Јосиповиќ истакнуваше дека противкандидатката доаѓа од партија во која има криминално минато, но и оти не го познава доволно Уставот и претседателските овластувања. Притоа нудеше реформи низ уставни промени кои не се доволно јасни за просечниот граѓанин кој Уставот го познава само како поим кој се употребува во дневнополитички цели.

За разлика од него, кандидатската Грабар Китаровиќ и се обраќаше на јавноста едноставно, експлоатирајќи го неспорното економско фијаско на актуелната влада, силно ветувајќи просперитет и благосостојба, па дури и ги признаваше грешките и незнаењето со поговорката- кој работи, тој греши. Притоа неколку пати јасно се огради од говорот на омраза и национализамот, кои нејзините симпатизери ги ширеа по социјалните мрежи.

Обнова на партнерството со „пријателска Германија“

Без сомнеж, како кандидат, Колинда Грабар Китаровиќ со својата појава успеа да шармира голем дел од хрватската јавност која ја фалеше нејзината убавина, женственост, кариера во дипломатијата и познавање на англискиот јазик. Со својот настап „од центарот“ мудро ги освои и оние кои немаат симпатии за радикалниот настап на нејзиниот партиски шеф Томислав Карамарко. Покрај сето тоа, истакнуваше дека ќе се заложи и за поголеми права на жените. Сепак, тешко е да не се забележи оти пред победничкиот говор збор му даде токму на Карамарко, па и тоа дека симпатизерите ја прекинуваа скандирајќи го името на нејзиниот сопруг Јаков, но и на основачот на ХДЗ и првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман.

Иако како претседателка ќе мора формално да ги прекине врските со ХДЗ, избирачите на Колинда Грабар Китаровиќ тоа од неа не го очекуваат во реалност, исто како што тоа не го очекуваа ни од Иво Јосиповиќ. Дотолку повеќе, голем дел од нив се надеваат дека токму таа ќе биде не само партнер туку фактор за дестабилизација кој ќе доведе до пад на владата на Милановиќ пред редовните избори. „ХДЗ раководен од Карамарко во последните две години се исчисти“, објави таа вчеравечер и најави обнова на партнерството со „пријателска Германија“, како и борба за правата на Хрватите во соседните држави. Токму ним таа во голем дел им ја должи тесната победа што дополнително го нагласи анимозитетот кон традиционално конзервативните Хрвати во Босна и Херцеговина кои, тврдат многу незадоволни граѓани, не плаќаат данок на државата, а и’ го одредуваат претседателот.

Kroatien Präsidentschaftswahlen 2015 Kolinda Grabar-Kitarovic Unterstützer
Колинда Грабар Китаровиќ ја слави победатаФотографија: picture-alliance/dpa/Antonio Bat

Време за катарза на СДП?

Дали Грабар Китаровиќ навистина, како што најави, ќе удри со раката на маса и ќе ја повика владата „на ред“, иако за тоа уставните можности и се мали- допрва ќе се види. Но се чини дека засега нема визија за кохабитација каква што владееше меѓу претседателот Јосиповиќ и владата на премиерката Јадранка Косор предводена од ХДЗ. „Претседателската кандидатка на ХДЗ се покажа како милитантен војник на својата партија. Ниту еден претседател досега не се претставуваше така. Ова беше кампања која ја водеше апартчик на една партија“, оценува премиерот Милановоќ, индиректно наведувајќи каква автономија очекува од идната претседателка. „Владата е единствената сигурна одбрана од корупцијата, криминалот и враќањето во 90-те години од минатиот век“ порача пак министерката за надворешни работи Весна Пусиќ.

Евентуална победа на ХДЗ на парламентарните избори на крајот на оваа или на почетокот на наредната година е единстваната шанса на новата претседателка за спроведување барем на дел од списокот на нерелно големи ветувања, кои ги даде за време на кампањата. Што се однесува до претседателот во заминување, Јосипович , тој најави враќање на Правниот факултет но јасно е дека ова не е крај на неговата кариера во рамките на владејачката СДП . Допрва ќе се види дали партијата е доволно голема за него и за премиерот Милановиќ, кого може да го обвинува за заминувањето од претседателската функција по само пет години.

Оние кои се желни за промени внатре во самата левица во Јосиповиќ гледаат можност за позитивна трансформација на СДП, која во овој момент не може да се пофали нту со внатрепартиска демократија, ни со успех во владеењето. Со оглед дека до парламентарните избори остана само една година, пред владејачката партија стои тешка задача која сигурно нема да биде олеснета ни од страна на првата претседателка, која на должност треба да стапи на 19 февруари.