1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова европска мафија

К. Хаселбах/Б. Георгиевски2 октомври 2014

Најновите студии покажуваат дека организираниот криминал годишно генерира стотици милијарди евра во Европа. Добар дел од таа сума завршува во легалната економија. И Германија е погодена од трендот

https://p.dw.com/p/1DOfB
Фотографија: Fotolia/Bernd Libbach

Студија на италијански научници, финансирана од ЕУ, покажува дека мафијашките структури се раширени низ цела Европа. Авторот на студијата, професорот Микеле Рикарди од Католичкиот универзитет во Милано, проценува дека преку пиратерија, трговија со дрога и шверц на цигари годишно се прави обрт од стотина милијарди евра. Само од копирање на производи и пиратерија годишно се вртат околу 42 милијарди евра, речиси половината од вкупната сума. Рикарди вели дека пиратеријата е потценет криминал.

Себастијан Фидлер, раководител на германската служба за криминал, овие бројки ги смета за „конзервативни проценки“. Индустриската организација ОЕЦД проценува дека само во Германија волуменот на криминалниот бизнис достигнува 50 милијарди евра годишно. Притоа, вели Фидлер за ДВ, севкупниот опфат на даночниот криминал, на пример проблемот со избегнувањето на ДДВ, воопшто не е опфатен со студијата од Милано.

Брзо перење на парите

Надлежните се соочуваат со големи проблеми затоа што приходите од организираниот криминал во најбрз можен рок се префрлаат во легалната економија. „Криминалците на тој начин го прикриваат потеклото на нивниот имот и му даваат легална боја“. Типични бранши за брзото перење пари се угостителството, градежната индустрија и јавните проекти.

Transtel Herbst Highlights Sizilien Palermo
Мафијата често ги пере парите преку инвестиции во угостителствотоФотографија: Berthold Steinhilber/laif

Но криминалците во последно време сѐ почесто ги користат и новите индустрии како што се обновливите извори на енергија, затоа што во нив контролите сѐ уште не се на доволно високо ниво и послабо се регулирани. „Тоа го користат криминалците и ги инфилтрираат овие бранши“, вели Рикарди. Себастијан Фидлер предупредува дека перењето пари е голем проблем и за легалната економија, затоа што доведува до масовно нарушување на конкурентноста, феномен на кој недоволно се внимава.

Студијата ги опишува германските градови како Келн, Дуизбург и Штутгарт како центри на италијанската мафија, додека Берлин се смета за легло на црните бизниси од Русија кои се активни на пазарот на недвижности. Фидлер вели дека ваквите проценки не се воопшто претерани. „Тоа е апсолутно точно, но тоа е само мал дел од проблемите со кои ние се соочуваме“. Германија не е само засолниште, туку и голем пазар за инвестиции за италијанската мафија. „Мора да се нападне во активата на криминалците. Тоа е нервот на организираниот криминал, но засега недостасува целосна стратегија на германската влада“, вели Фидлер.

Политичарите да реагираат

Микеле Рикарди, повикувајќи се на италијанското искуство, вели дека најуспешен инструмент за борба против мафијата е запленувањето на компаниите кои се контролирани од неа.

Symbolbild Geldwäsche
Фотографија: imago/imagebroker/begsteiger

Потребата од поголема меѓународна соработка не е спорна, но со некои земји тоа оди тешко. Поради затегнатите односи со Русија, властите во земјите на ЕУ засега не можат да сметаат на соработка со Москва. Но, Себастијан Фидлер предупредува дека и во рамките на ЕУ, нештата не се во најдобар ред. На пример, при одобрувањето на помошта за Кипар, беше откриено „изненадувањето“ дека земјата е пералница на пари за Русите. „Во таа насока, Европската комисија мора точно да знае како земјите се поставени во однос на превенцијата од перењето пари“. Притоа, експертите велат дека е од клучно значење поголемата сорабока во Европа во однос на даночните оази. Перењето пари и даночните оази најчесто одат рака под рака. Себастијан Фидлер се радува на секое истражување кое фрла „мала светлина врз темнината“; многу политичари мора на тој начин да се предупредат, за конечно нешто да сторат на овој план, вели Фидлер.