Нова влада во Италија: Сѐ е подобро од Салвини
5 септември 2019Италија има нова влада. Шеесет и шеста од Втората светска војна досега. Надеж, ризик, експеримент или шанса? Од сѐ по малку.
Во ЕУ се разбуди надежта дека некој разумен министер за финансии кој е повеќе наклонет кон Брисел ќе избегне пресметка околу буџетот и астрономското задолжување на Италија. Трескањето на радикалниот десничар и лидер на партијата Северна Лига за паралелна валута, која всушност би значела напуштање на еврозоната, засега е тргнато од дневен ред. Италија може да здивне.
Но голем е ризикот дека новата влада за една година може да доживее колапс. Популистичкото движење на гневните граѓани Пет Ѕвезди и класичните социјалдемократи премногу се разликуваат и по стилот и по политичката супстанца. Заедно ги одржува единствено стравот од десничарот Салвини. Да не беше формирана коалиција и да беа распишани избори, Салвини веројатно ќе победеше на нив и ќе станеше премиер.
Новата влада нема лесно да го смени расположението на Италијанците. Салвини е популарен. Неговиот остар курс против мигрантите и бегалците, како и против „оние во Брисел“ има добар прием. Секако, Салвини го знае тоа и веќе е во предизборна кампања. За него, новата коалиција е катастрофа која планира да ја урне со сите средства. Италијанците, за жал, сѐ уште не сфаќаат дека десничарска влада под Салвини би била уште поголема катастрофа.
Актуелниот политички експеримент има шанса само ако популистите и социјалдемократите создадат нешто конкретно, наместо да се исцрпуваат во бесконечни кавги. Ветувањата за социјална помош и инвестиции се големи, а касите се празни. Затоа е голема опасноста дека владата ќе му ги испорача големите теми на вештиот предизборен стратег Салвини.
Извесен исход
Новата влада едвај да има сили да ги поттурне економијата и реформите. Таа само ќе се провлекува како и многу влади пред неа. На новиот тим му се закануваат проблеми и во сопствените редови. Социјалдемократите, кои во изминатите недели доживеаја изненадувачка трансформација, се раскарани меѓу себе. Поранешниот партиски шеф и премиер Матео Ренци сака повторно да владее. Тој привремено победи во спорот со актуелниот партиски лидер Николо Зингарети кој планираше да одбие влез во коалиција со популистите. Притоа, и во Пет Ѕвезди врие. Протестно движење кое одеднаш влегува во коалиција со традиционална партија- тоа е потег кој многу фрустрирани Италијанци не го разбираат.
Кога се ќе се собере и одземе, коалицијата нема да има долг век. Веројатно веќе следната година ќе има нови избори. Статистички погледнато, оваа жолто-црвена коалиција и нема да има толку лош просек. Периодот на владеење на просечната италијанска влада изнесува една година и два месеци.