1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Можат ли старите вакцини да помогнат против Ковид-19?

БГ /АП
17 април 2020

Научниците „вадат од нафталин“ некои со децении стари вакцини против други вируси истражувајќи дали тие би можеле да помогнат во битката против Ковид-19, додека да се пронајде нова вакцина.

https://p.dw.com/p/3b5Ym
Symbolbild Impfung
Фотографија: picture-alliance/BSIP/Laurent

Звучи чудно: вакцините се создадени за да целат кон специфична болест. Но вакцините кои се создаваат од живи бактерии или вируси се чини ја зајакнуваат одбраната на имунолошкиот систем, со што генерално е подобра и заштитата од вируси. Историјата покажува дека тоа понекогаш дава одредена заштита и од други, целосно непознати вируси.
Засега нема докази дека таквиот пристап ќе го зајакне имунолошкиот систем доволно за да се одбрани од коронавирусот. Но, со оглед на тоа што новата вакцина се очекува за 12 до 18 месеци, некои истражувачи велат дека е време засилено да се испробува овој пристап, почнувајќи од вакцината за туберкулоза.
„Ова е се уште хипотеза“, вели д-р Михаи Нетеа од Универзитетскиот центар Радбуд во Холандија. „Но доколку функционира, тоа може да биде важна алатка во обид да се премости овој опасен период додека да добиеме вистинска, нова вакцина“.
Светската здравствена организација издаде остро предупредување да не се користи ТБ вакцината против Ковид-19, се додека истражувањата не докажат дека таа функционира.
Околу 1,500 холандски здравствени работници започнаа да работат на една нова студија, користејќи ја БСЖ вакцината која е направена од жив, но ослабен бактериски „роднина“ на туберкулозниот. 

- повеќе: БСЖ вакцината- алатка против Ковид-19? 

Во Австралија, научниците се надеваат да вклучат 4,000 здравствени работници во тестирање за БСЖ, а 700 веќе или добиле вакцина или плацебо. Слични истражувања се планираат и во други земји, вклучително и САД.

Следната за тестирање веројатно ќе биде оралната Полио вакцина, која се прави од живи но ослабени полио вируси. Глобалната вирусна мрежа од Балтимор, САД планира такви истражувања и разговара во таа насока со здравствените власти.
Во американскиот Национален институт за здравје, истражувачите веќе започнаа дискусии за предлозите да се анализираат БСЖ и полио вакцините како можна одбрана од Ковид-19.

Вкрстена заштита
Но постои и голема задршка: Овие вакцини се ризични за луѓето со ослабен имунолошки системи, и не треба да бидат испитувани во случаи на Ковид-19, надвор од клиничко испитување, вели д-р Дениз Фаустман, експерт за имунолошка биологија кој планира испитување на ТБ вакцината.
„Не можете едноставно да почнете да ја делите, но постои одлична можност да се тестира дали има дејство“, вели таа.

Научниците одамна открија интересни сознанија анализирајќи ги овие две вакцини. БСЖ вакцината воглавно им се дава на новороденчиња во земјите во развој и таа нуди само делумна заштита од туберкулозата, која е бактериска инфекција. Но студии покажуваат дека децата имале подобра стапка на преживување, вклучително и од респираторни вируси. Во 2018 година беше објавен подиректен тест. Тие покажаа дека БСЖ ја стимулира иницијалната имунолошка одбрана доволно за барем делумно да блокира друг вирус кој бил даден експериментално еден месец подоцна.

Што се однесува до полио вакцината, првите индиции доаѓаат од поранешниот Советски сојуз, вели Константин Чумаков, специјалист за вакцини од американското Биро за храна и лекови. Неговата мајка била советски научник која во 1970 година објави истражување кое покажало дека случаите на грип значително опаднале по вакцинирањето за полио.
Во 2015 година дански истражувачи исто така открија назнаки за вкрстена заштита по вакцинацијата за полио.

Вакцинација - да или не?

Различни видови имунитет

Постојат различни видови имунолошка одбрана. Вообичаената цел на вакцината е да го подготви телото да препознае специфичка закана и да создаде антитела со кои ќе возврати доколку биде нападнато од некој вирус. Но за тоа е потребно време. При првиот сигнал за инфекција, првата линија на одбрана- белите крвни зрнца- поаѓаат во акција за да го спречат напаѓачот на друг начин, кој се нарекува вроден имунитет. Доколку не успеат, потоа организмот создава други специјални единици за борба со болеста. 

- повеќе: Како имунолошкиот систем се бори против коронавирусот

БСЖ вакцината ги репрограмира клетките на вродениот имунолошки систем за тие полесно да го елиминираат вирусот уште на почеток, вели холандскиот истражувач Нетеа.
Научниците кои не се инволвирани во истражувањето на овие вакцини, велат дека вреди да се направат тестови.
„Научното рационале е многу логично“, вели специјалист за имунологија од Сан Диего, САД. „Непознатото е дали коронавирусите се во спектарот на нешта за кои постои ефикасна заштита во таа прва линија на вродениот имунитет.

Некои научници сметаат дека земјите со големо население вакцинирано со БСЖ би можеле подобро да минат во пандемијата. Но, поради проблемите со откривањето на случаите и прецизното броење, прерано е да се извлекуваат заклучоци, предупредување кое го повторува и СЗО.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема