1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов формат на дијалогот и јасно дефинирана цел

Линдита Арапи
17 април 2019

Со организација на состанок на претставници на Србија и Косово во Берлин, француско-германскиот тандем испраќа јасен сигнал дека ЕУ сака и мора да седи на преговарачка маса, оценува експертката за Балканот, Јохана Даjмел

https://p.dw.com/p/3GwMN
Johanna Deimel
Јохана ДајмелФотографија: privat

ДВ: Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ќе се сретнат во понеделник, на 29 април, со шефовите на државите и премиерите на Србија и Косово: Александар Вучиќ, Хашим Тачи, Ана Брнабиќ и Рамуш Харадинај. Зошто одеднаш е свикан овој состанок?

Јохана Дајмел: Покрај некои други членки на Европската унија, Германија е една од земјите кои јасно го изнесоа своето мислење за промената на границите која ја предложија Вучиќ и Тадиќ. Последиците од тој предлог би претставувале голем безбедносно-политички ризик, не само за Косово, туку и за целиот балкански регион. Очигледно е дека имаа ефект јасните критики и загриженоста изразени во Берлин, како и од страна на познати меѓународни личности и стручњаци.

Дали овој состанок е одговор на Берлин и на Париз на дебатата за промена на границите меѓу Косово и Србија?

Канцеларката Меркел и претседателот Макрон со овој состанок испраќаат јасен сигнал до Вашингтон, а пред сѐ до Брисел и до високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини. Таа не само што ги толерираше, туку и ги поттикнуваше преговорите меѓу Вучиќ и Тачи. А за тоа немаше ни мандат, ни поддршка од сите 28 членки на ЕУ. Сѐ на сѐ, дијалогот кој веќе со години се води во Брисел се наоѓа во ќорсокак. Исто така, преговорите меѓу Вучиќ и Тачи зад затворена врата малку донесоа.

Многу би се постигнало ако сега во Берлин се даде нов импулс и ако во Приштина, Белград и во Тирана се испрати јасна порака, дека целта на двете земји, регионот и на Европа може да биде само сеопфатен договор меѓу Србија и Косово, без промена на границите по етнички критериуми.

Треба ли воопшто да се имаат големи очекувања од оваа берлинска средба? На крајот, присутните се најважните европски политичари, Меркел и Макрон...

Германија и Франција го свикаа овој неформален состанок на највисоко ниво. Со тоа двете држави, кои по разорните светски војни со Елисејскиот договор од 1963 година го завршија непријателството и започнаа пријателство, покажуваат дека нормализирањето и добрососедските односи по ужасните војни се можни и за Косово и за Србија. Од друга страна, со поканата во Берлин, француско-германскиот тандем испраќа јасен сигнал оти Европа, дека ЕУ е подготвена и оти и натаму е ангажирана. И дека сака и мора да седи на преговарачка маса.

Повеќе:

-Моја Европа: Последната битка на Меркел

-Размена на територии на Балканот - кобна грешка

-Косово-Србија: Разграничување е друго име за поделба

Идејата за промена на границите сѐ уште се разгледува. Постојат ли некои сили кои стојат зад оваа идеја, кои го поддржуваат тоа?

Мислам дека идејата не е сосема потисната, но во последните неколку недели ги загуби замавот и силата. Вистина е дека и во САД и во ЕУ постојат сили кои многу јасно и силно ги поддржуваат Вучиќ и Тачи. Но, постои и отпор, не само во Берлин, туку и во другите членки на ЕУ. На Косово е формиран преговарачки тим кој има платформа која ја поддржува Парламентот. Меѓутоа, што мислат Вучиќ и Тачи - тоа не знаеме. Нема ништо на маса.

Идеја е дека ова конечно ќе доведе до договор и признавање на Косово...

Цврсто сум уверена дека територијалната размена не би ја променила чувствителната ситуација. Не постои „мирно етничко чистење“, тоа е неподнослив еуфемизам. Територијалната размена е во спротивност со европските вредности, со мултиетничките темели по повоениот поредок по војните во Југославија и на Косово пред 20 години.

На дијалогот кој досега е воден во Брисел му е потребен нов замав, нов формат и јасно дефинирана цел, а тоа е признавање на Косово од страна на Србија и развој на добрососедските односи, тоа е точно.

Кога станува збор за царините, Хараинај инсистира на 100 отсто царини на српските производи, покрај меѓународните критики. Каде води таквиот радикален став?

Точно е дека царините на српските производи како политичка мерка силно се критикувани, но тие имаат повеќе симболичен, отколку вистински економски карактер. Сметам дека тоа не е причина да се запре дијалогот во Брисел. Овие преговори стагнираат од порано и ниту една страна - ни Белград, ни Приштина - немаа никаков интерес да го продолжат дијалогот во досегашната форма.

Brüssel, Hashim Thaci, Federica Mogherini, Aleksandar Vucic
Фотографија: Europäische Kommission

Покрај тоа, тука се и следните фактори: шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, наскоро заминува од функцијата, Вучиќ се соочува со притисок од улица, а на Косово се зголемува ривалството меѓу претседателот Тачи и премиерот Харадинај.

Претседателот Тачи на Косово е прилично изолиран со своите разговори зад затворена врата со Вучиќ. Харадинај смета дека со царините, „строгоста“ против Србија, може да се одржи на власт - бидејќи факт е дека поголемиот дел од граѓаните, како и српските граѓани на Косово, се противат на тајните преговори и размената на територии на Тачи.

Д-р Јохана Дајмел е независен експерт за Балканот. Со години беше заменик на директорот на Здружението за Југоисточна Европа со седиште во Минхен.