1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов првенствен формат, дали и со повисок квалитет?

Златко Калински2 август 2014

В недела (3.08) почнува фудбалското првенство на РМ, нова сторија на натпреварувачката лента, која постојано се движи. Каква содржајност ќе понуди 23-та македонска првенствена страница со нов натпреварувачки формат?

https://p.dw.com/p/1CnEz
Фотографија: Fotolia/somkanokwan

Македонија од неутрален агол ги следеше штотуку завршените мундијалски возбудувања. Македонскиот клупски фудбал не траеше долго ова лето во прелиминираните рунди од европските купови. Најдолго остана Металург во квалификациите од Лигата на Европа, до третото коло, во кое шансите да опстане, по поразот од кипарска Омонија со 3:0, се мали. Следниот „предизвик“ за љубителите на фудбалот е почетокот на новото фудбалско првенство на Македонија. Во него почестите ќе ги брани Работнички и како шампион и како победник во Купот. Тренерот Игор Ангеловски, еден од главните инспиратори на овие успеси, вака го опишува фудбалското лето на Работнички:

„Некои работи ни се одвиваа како во сон по освојувањето на двојната круна. Наградата која брзо дојде беше учеството во квалификациите за Лигата на шампионите. За жал траеше кусо. Со оглед дека имаме млад тим, европското искуство ќе ни биде драгоцено во пресрет на новото првенство.“

Низ слични, не премногу успешни премрежија минаа и другите македонски репрезенти во Европа, екипите на Хоризонт, Шкендија и Металург. Оваа клупска четворка, заедно со секогаш конкурентниот Вардар, се чини дека ќе биде групата која и во наредното првенство ќе го има главниот збор.

Првенство со намален број клубови

Ова првенство, во однос на претходните, е со редуциран „екипаж“ од 12 на 10 клубови. Ќе направи ли да биде попривлечно за фудбалските маси?

„Според мене, ова е добар потег. Јас би се залагал и за уште помал број на екипи, но со повисок квалитет. Бидејќи, знаеме како изгледаше минатото првенство со тимови кои не беа конкурентни, со услови на стадионите што не соодветствуваат за едно прволигашко натпреварување. Верувам, дека во претстојниот шампионат ќе се подигне квалитетот“, оценува Александар Васовски, истакнато фудбалско име, кој е дел од стручниот штаб на Вардар.

Ваквото мислење го дели и Ѓоре Јовановски, новиот тренер на Брегалница од Штип.

„Сега квалитетот е концентриран на помал број на екипи, а гледајќи ги нивните имиња мислам дека никој не ќе може себеси да се прогласи за фаворит. Ова можеби требаше да се направи уште порано. Македонскиот фудбал во моментов нема капацитет за лига со поголем број на клубови.“

Вардар и Шкендија со ширум отворени врати

Македонскиот фудбал мина низ вообичаено фудбалско лето со голем одлив на квалитетни фудбалери, но и со значителен прилив на Македонци „повратници“. Еднодушни се мислењата дека Вардар и Шкендија најдлабоко „бркнаа“ во клупските каси и ќе ја имаат фаворитската улога во новото првенство:

„Вардар во одбраната се засили со македонскиот репрезентативец Грнчаров, со Глишиќ од Динамо Тбилиси, со Ховханес од Ерменија, потоа со извонредниот македонски интернационалец Никола Глигоров и со Љамчевски од Металург... Заедно со оние кои останаа од претходното првенство, ќе претставуваме зрел состав во борба за титулата“, вели Васовски.

Flash-Galerie Fußball, WM 2006, Symbolbild, Fußbälle
Фотографија: picture-alliance/dpa

Работнички не можеше да го спречи заминувањето на силниот напаѓачки тандем Маневски и Илијоски. Тренерот Ангеловски зборува за неминовноста со која се соочуваат сите македонски клубови:

„Буџетот на сите наши екипи, па и на Работнички, е таков каков што е и мораме да се помириме со фактот дека најдобрите не можеме да ги задржиме. Веќе се навикнавме на ваквата состојба. Одново доведовме млади, се‘ уште неафирмирани имиња, како што е Чума, 20-годишен репрезентативец на Норвешка во сите младински категории, потоа Алтипармаковски, еден од најнадежните македонски напаѓачи. Искусниот стопер од Хрватска, Игор Гал, очекувам да ја засили нашата одбрана. Влегуваме оптимистички и храбро во одбрана на трофеите.“

Ѓоре Јовановски, пак, оценува:

„По преодниот рок Шкендија и Вардар се издвојуваат како фаворити. Тие донесоа во своите редови повеќе интернационалци. Вардар играчки се комплетира! Митров, Кировски, Алими... се добра аквизиција за Шкендија. Но, времето ќе покаже дека и на Вардар и на Шкендија, без разлика на квалитетот, ќе им биде многу потешко одошто се мисли. Очекувам ова првенство да биде уште поинтересно од претходното.“

Ќе се искри во Битола и во Скопје

Првото коло носи голема привлечност на два стадиони. Дербито во Битола меѓу Пелистер и Вардар ќе биде највозбудливата почетна првенствена секвенца. Ништо помалку интересно нема да биде и во Скопје. Ќе играат Работнички и Металург! Жрепката сакаше актерите, кои со финалето на Купот ја спуштија завесата на претходната сезона, да влезат во првата меѓусебна битка на стартот од новата! Ќе бидат ли овие два дуела заедно со трите останати: Ренова-Тетекс, Силекс-Хоризонт и Шкендија-Брегалница, доволно атрактивни и примамливи за старт на новото фудбалско првенство со зголемен број гледачи во однос на претходното?