1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов почеток на трансатлантските односи со Бајден?

Теса Клара Валтер
19 јануари 2021

Многумина во Германија очекуваат дека стапувањето на Џозеф Бајден на функцијата претседател на САД ќе донесе големи промени во трансатлантските односи. Колку е реално тоа?

https://p.dw.com/p/3o7hq
Flaggen USA und Deutschland
Фотографија: Harald Tittel/dpa/picture alliance

Оној кој овие недели следи што се случува во политички Берлин, буквално може да го почувствува мирисот на надеж. Откако американскиот народ на изборите во ноември го смени Доналд Трамп, мостот преку Атлантикот повторно, изгледа, е прооден, а вратата на мултилатералната соработка е повторно отворена.

Но, ако го прашате за мислење координаторот на германската влада за трансатлански односи Петер Бејер можностите и шансите не се неограничени. „Проблемите нема автоматски да исчезнат, но има големи шанси сега да разговараме конструктивно и со почит, и да преговараме имајќи предвид решение“, вели Бејер.

Оваа оценка ја дели и Томас Клајне-Брокхоф, потпретседател на независната американска фондација за промовирање на трансатланска соработка Германскиот Машалов фонд. „Националистот (Трамп) го замени интернационалист (Бајден).“ Но, тоа не значи дека времето може да се врати назад. „Празнината во довербата која се случи не може да се пополни само ако се каже 'We are back'-(Се вративме)“.

Designierter US-Präsident Biden
Фотографија: Matt Slocum/dpa/AP/picture alliance

Во трансатланските односи мора многу работи и да се обноват и повторно да се изградат. Бајден најави дека набргу по неговата инаугурација во Вашингтон, САД повторно ќе се придружат кон Парискиот договор за климата. Тој сака својата земја да ја врати и во Светската здравствена организација. Дури ќе ја суспендира и одлуката за повлекување на американските трупи од Германија, која Доналд Трамп ја најави минатата година.

За Европејците особено се важни трговските прашања. За нив би требало повторно да се разговара. Влогот е голем - на САД и на ЕУ заеднички им отпаѓа над 30 отсто од светскиот БДП.

„Казнените царини мора да бидат укинати“

Дела наместо зборови - тоа би можело повторно да ја пополни празнината и недостатоците кога станува збор за довербата, смета Петер Бејер. „На Европејците им се советува да направат пакет економски релевантни теми, кои вклучуваат барање Вашингтон да ги укине казнените царини.“ Бејер за ова првенствено мисли на царините на увоз на алуминиум и челик, кои во последните години тешко ги погодија Германија и Европа. Притоа, нагласува Бејер, недостатокот на храборот и одлучност е погрешен пат. Потребен е „трансатлански договор за слободна трговија на широка база, договор кој ќе осигура наш релативен просперитет во иднина“.

Повеќе:

-Побрзо да се избегне царинска војна помеѓу САД и ЕУ

По тоа прашање, експертот за трансатлански односи и поранешен новинар Клајне-Брокхоф е повоздржан. И тој смета дека со нов и опсежен трговски договор би се испратил важен сигнал, но, смета, политичката реалност во САД е таква што тоа тешко може да се реализира. „Џо Бајден е под притисок да не го стори тоа, особено е под притисок од левото крило од неговата партија и синдикатот. Тие од него очекуваат да води таква економска политика, која не ја поддржува нужно слободната трговија“, вели Клајне-Брокхоф.

Symbolbild Stahl NEU
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Lübke

Кога станува збор за повторното склопување на големиот трговски договор, како Трансатланскиот договор за трговија и вложувања, кој пропадна по доаѓањето на Трамп на местото американски претседател во 2017 година, и во Германија ветерот дува во спротивна насока. Големо мнозинство од Германците не ги доживува САД како партнер кога станува збор за заштита на меѓународната слободна трговија.

Помалите форуми и совети би можеле да станат алтернатива во наредните неколку години, а со цел да се пронајдат заеднички стандарди. Пример за тоа е Заедничкиот совет за трговија и технологија, кој го предложи ЕУ во декември.

Камен на сопнување: Северен тек 2

Една работа има особено горливо чувство за американскиот Конгрес - гасоводот Северен тек 2, кој би требало да ги поврзе Русија и Германија. Конгресот затоа усвои екстериторијални санкции против изградбата на овој гасовод.

Повеќе:

-Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?

Петер Бејер за тоа вели дека „расправата е целосно претерана“, како и оти „постојат многу поважни трансатлантски прашања, како што се трговијата, безбедноста, дигитализацијата и здравствените прашања, особено во време на пандемија“.

Nord Stream 2 | Bauarbeiten Ostsee-Gaspipeline
Фотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

Клајне-Брокхоф на тоа гледа целосно поинаку. „Северен тек 2 е стратешки погрешна проценка на СР Германија“, смета тој. Тој им штети не само на Американците, туку посебно на источните Европејци - важни сојузници во Европа. Клајне-Брокхоф предлага основање на Источноевропска иницијатива за енегретска сигурност.

Прашањето на Кина

Но сеедно колку долго длабоко да вдишат, една тема и кај двајцата сојузници предизвикува отежнато дишење: Кина. Соочувањето со подемот на земјата ќе биде тест за трансатлантските односи во следните неколку години. На Американците им е јасно дека мора да има „одвојување од Кина“. Но, иако Европската унија ја гледа Кина како „системски ривал“, тој сојуз, а особено Германија, е далеку од намалување на трговските односи со Кина. Германскиот извоз во Кина се зголеми за 14% од 2019 до 2020 година.

Повеќе:

-Договорот за слободна трговија ќе ја скроти Кина

-Примирје во Студената војна меѓу САД и Кина

Затоа мора да биде пронајдена заедничка политика, вели Клајне-Брокхоф. Тој смета дека е можна комбинација помеѓу „поставување граници“ и соработка со Кина. Дилот би бил следниов: САД да се оддалечат од својата „идеологија на одвојување“, а Европејците посериозно да ја сфатат американската грижа за безбедноста и технологијата, на пример кога станува збор за проширување на мрежата 5Г. Долго очекуваната реформа на Светската трговска организација исто така би била пресвртница кога станува збор за ставање на Кина под контрола во трговските прашања.

Стремежот кон единство, засновано на разбирањето дека на Америка и' е потребна Европа и обратно, инспирира многу поддржувачи на трансатлантските односи во Берлин. Двајцата соговорници на ДВ се согласуваат дека ова единство мора да биде натпартиско - и во Германија и во САД. Бајден, затоа, би требало постојано да им дава понуди на Републиканците.

Американскиот претседател има малку време за тоа. Наредната година во САД се одржуваат т.н. среднорочни избори за Претставничкиот дом и Сенатот. Дотогаш, ќе биде јасно колку од сето ова, навистина може да се спроведе за време на мандатот на Џозеф Бајден.