Нов обид за двојното државјанство
5 јули 2013Покраините во кои на власт се социјалдемократите (СПД), Зелените и Партијата на левицата, бараат во Германија да биде генерално дозволено двојно државјанство и да се укине таканаречениот опционен модел. Досега, децата на странците родени во Германија стануваат Германци, но го задржуваат државјанството на своите родители. Во периодот меѓу нивната 18 и 23-годишна возраст тие мора да се одлучат за едно државјанство. Сега можност да имаат два пасоша им е дадена само на граѓани од определени земји на ЕУ или Бразил.
Денешната (05.07) иницијатива на претставништвото на покраините, Бундесратот, сега треба да оди во Бундестагот. Изгледи за успех, со оглед на актуелниот распоред на политичките сили во парламентот, засега нема. Во Бундестагот мнозинство имаат партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и либералите (ФДП). Досега во Бундестагот пропаднаа повеќе барања на опозицијата за двојно државјанство. Но иницијаторите се надеваат дека по изборите наесен, односот на политичките актери во парламентот ќе се промени.