Нов лидер во македонскиот женски ракомет
6 мај 2013Со последниот звук на сирената заврши тригодишната доминација на Металург во македонскиот женски ракомет, а започна радоста на вардаровите ракометaрки. За Индира Кастратовиќ, која ги предводи „вардарките“ од тренерската клупа, успехот е очекуван:
„Една година се подготвувавме за да стигнеме до овој успех. Бевме под постојан притисок во текот на целото првенство. Пред себе го имавме силниот Металург, екипа која неколку години доминира во македонскиот ракомет. Сепак, целта ја остваривме, а сега можеме да се фокусираме на следните предизвици.“
Шампионската титула на Вардар му ја отвора вратата на големиот европски ракометен полигон, влез во исклучително привлечната Лига на шампионите:
„За клубовите дебитанти во Лигата на шампионите, како што е Вардар, патот до групната фаза е долг. Не‘ очекува учество на еден од неколкуте квалификациони турнири, од кои само најдобрите обезбедуваат билет за влез во некоја од групите на Лигата на шампионите. Ваквите турнири секогаш се тешки, особено од психолошки карактер.“
Крај на трансфер изненадувањата
Во изминатите неколку месеци од Вардар често беа испалувани „трансфер-бомби“ со силен интензитет. Последната беше со доведувањето на Хрватката Маја Зебиќ и Русинката Татјана Хмирова. Дали ќе има уште уште некое трансфер изненадување? Кастратовиќ вели дека со ова листата на ракометарки е дефинирана:
„Го заокруживме списокот на засилувањата. Деновиве ќе ја направиме и листата на ракометарките кои ќе го носат дресот на Вардар во наредната сезона. Ангажиравме ракометарки, кои се универзални и можат да играат на различни позиции. Ваков профил на играчи бара модерниот женски ракомет.“
Пино, Дембеле, Да Роча, Виноградова, Лекиќ, Николиќ, Хмирова, Зебиќ се ракометни звезди, репрезентативки на Франција, Шпанија, Русија, Србија, Хрватска. Тоа е исклучително висок играчки стандард. Кастратовиќ го објаснува како желба на главниот финансиер да направи силен македонски клуб:
„Спонзорот на клубот Сергеј Самсоненко, руски бизнисмен е ‘виновникот‘ за ова што се случува. Вљубен е во Македонија, има желба да направи нешто посебно, преку ракометот да покаже колку е убаво да се биде во Македонија, да се живее и да се спортува тука. Беше тешко да се донесат светски познатите ракометарки во клуб кој е анонимен. Колку и да се важни, не секогаш парите се пресудни за да се биде во некоја средина. Големите спортски имиња обично сакаат да играат големи натпревари. Вардар го гледаме како клуб со перспектива, од тој аспект и почнуваа преговорите со ракометарките.“
Резултатите на Кометал - инспиративни за Вардар
Патот по кој чекори Вардар, потсетува на оној низ кој минуваше Кометал Ѓорче Петров до европските врвови. Очекува ли Индира Кастратовиќ, сега тренер, резултати приближни на оние што ги постигнуваше како ракометарка?
„Секој би посакал такви резултати! Многумина не‘ споредуваат со Кометал Ѓорче Петров, но тоа беше сосема различна приказна. Кометал го направи најголемиот македонски спортски успех. Кометал е сега само минато. Сега од Вардар се очекува такво нешто по ангажирањето на квалитетните ракометарки. Тоа кореспондира и со нашите цели, но врвните резултати преку ноќ не можат да дојдат. Сетете се дека во Кометал ни требаа 10 години напорна работа за да го трасираме патот до европската титула. Никој во клубот не брза со резултатите, особено не оној кој најмногу вложува. Ќе работиме максимално, но не во резултатски грч!“
Огромно играчко искуство и кус тренерски стаж стојат зад името на Индира Кастратовиќ. Соочена е со тим на ракометни ѕвезди и резултатски императиви. Таа вели, обврските се тешки, но предизвиците отсекогаш ја одважувале:
„Имам тренерски договор до 2015 година. Добив голема шанса. Желба ми е во овој временски простор да го поставиме Вардар на посакуваното рамниште. За мене многу важна е комуникацијата со моите ракометарки. Таков начин на работа применуваат тренерите од Скандинавија и имаат одличен успех. Мораме да бидеме блиски, да си веруваме, да имаме заемна доверба. Да бидеме пријатели, но сепак одговорноста на одлуките од клупата ја носи тренерот.“
Вардар е нова димензија во македонскиот женски ракомет. Ќе придонесе ли за негов развој или со доминантноста може да предизвика поинакви ефекти?
„Јас би сакала да не биде само еден клуб доминантен во македонскиот ракомет, како што долг период беше Кометал Ѓорче Петров, а потоа и Металург. Се надевам дека ќе се појават луѓе што ќе финансираат во женскиот ракомет. Вардар и Металург мораат да имаат посилна конкуренција. Само така нашиот спорт ќе има прогрес“, вели за Дојче веле Индира Кастратовиќ, тренер на ракометарките на Вардар, новите првенки на Македонија.