1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Нобелова награда за докажувањето на гравитациони бранови

ЕМФ /агенции
3 октомври 2017

Нобеловата награда за физика оваа година оди во рацете на тројца американски научници за нивните истражувања на гравитационите бранови.

https://p.dw.com/p/2l9Yj
Schweden Stockholm Physik-Nobelpreis 2017
Фотографија: Reuters/TT News Agency/J. Gow

Рајнер Вајс, американски научник со германско потекло, годинава ја дели Нобеловата награда за физика со своите колеги Бери Бариш и Кип Торн. Шведската академија за науки во Стокхолм соопшти дека тројцата астрофизичари во 2015 година почнале со набљудување на гравитационите бранови и дале потврда на еден од централните столбови на теоријата на релативност на Алберт Ајнштајн.

Гравитационите бранови настануваат особено тогаш, кога големи објекти, како што се ѕвездите, добиваат забрзување. Брановите го притискаат и тегнат просторот и се дел од најспектакуларните предвидувања на општата теорија на релативноста на Ајнштајн. Според оваа теорија, секое тело кое добило забрзување испраќа гравитациони бранови, чија јачина зависи од масата на телото и неговата брзина.

Околу 100 години по теоријата на Ајнштајн, Лиго-опсерваториите во САД, на 14 септември 2015 година, првпат „уловија“ гравитациони бранови на две црни дупки кои кружеа една околу друга, а се наоѓаа на оддалеченост од 1,3 милијарди светлосни години од Земјата.

Минатата година Нобеловата награда за физика ја добија Дејвид Џеј Тулес, Данкан Халдејн и Мајкл Костерлиц за теоретска работа на „тополошката фаза на транзиција и тополошката фаза на материјата". Во прашање е истражување за електрична спроводливост на екстремно тенки површини кои можат да се сметаат за дводимензионални.