1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата награда за физика во рацете на Французин и Американец

АТ/ дпа/ дапд/ афп/ бета9 октомври 2012

Кралската академија на науките во Стокхолм денеска ги објави имињата на носителите на Нобеловата награда за физика. Одличјето оди во рацете на научниците Серж Арош и Дејвид Вајнленд за истражувања на квантните системи.

https://p.dw.com/p/16MoK
Фотографија: Reuters

Научниците од Франција и од САД Серж Арош и Дејвид Вајнленд одличјето го добиваат за „пионерски експериментални методи кои овозможуваат мерење и манипулација на индивидуални квантни системи“, соопшти Шведската кралска академија на науките во Стокхолм.

Арош и Вајнланд, двајцата на возраст од 68 години, работат на полето на квантната оптика и се занимаваат со интеграција на светлината и материјата. „Нивните методи создадоа услови на тоа поле на истражување да се направат првите чекори за да се изработи нов тип супер брз компјутер кој би се базирал на квантната физика“, се наведува во соопштението на Академијата.

Nobelpreis Medaille / Alfred Nobel / Overlay-fähig
Фотографија: picture-alliance/dpa

Двајцата научници набљудуваа имено мали честички. Притоа тие конструираа стапици во кои атомите - јони можеле да бидат фатени од светлосните атоми - фотони. Особеноста притоа е што објектите не се уништуваат туку може да се следат во извесен период. Пер Делсинг, член на Нобеловиот комитет во образложението потенцираше: Тоа „изгледа помалку како да се изеде еден колач, а потоа истиот да постои во целина“.

Во неговата прва реакција Арош на Комитетот преку телефон му соопштил: „Тоа тешко може да се сфати. Бев на улица, заедно со сопругата, на пат кон дома. Бев радосен што можев да седнам, тоа ме обзема. Ќе се напијам дома шампањ, а потоа ќе отидам во лабораторија“.

Неделава во Стокхолм и Осло се објавуваат имињата на носителите на Нобеловите награди. По објавувањето на Нобеловците за медицина и физика утре треба да бидат објавени носителите на Нобеловата награда за хемија, а в четврток за литература. В петок ќе биде познат и носителот на Нобеловата награда за мир. Нобеловата награда за економски науки ќе биде објавена наредната недела.

Нобеловите награди оваа година се дотирани со 930.000 евра.