Нобеловата награда за мир оди во рацете на три жени
7 октомври 2011Борци за правата на жените и мирот во Африка се овогодинешни добитници на Нобеловата награда за мир. „Не можеме да стигнеме до демократија и траен мир ако жените не добијат еднакви шанси како мажите да влијаат врз развојот на сите нивоа во општеството, рече претседателот на Нобеловиот комитет, Торбјорн Јагланд денеска (07.10) во Осло. Комитетот се надева дека наградата ќе придонесе за ставање на крај на подреденоста на жените во многу земји во светот и за искористување на големиот потенцијал на жените за создавање мир и демократија.
Елен Џонсон-Сирлиф е прва демократски избрана претседателка во Африка и наредната недела стои на реизбор. Лејма Гбови, е основач на организација на христијански и муслимански жени, чија работа беше насочена против воените лордови во либериската граѓанска војна. Таа и покрај сите етнички и верски тензии во Либерија, се ангажира за поголемо учество на жените во политиката. Тавакул Карман, пак, игра една од водечките улоги во демократското движење во Јемен. Во првата реакција по веста дека е добитник на наградата, Карман изјави дека е тоа победа за протестното движење во Јемен. За телевизијата Ал Џазира таа рече дека сите луѓе во Јемен се радуваат за наградата и дека борбата за демократски, модерен Јемен продолжува.
Владата во Берлин, веднаш по соопштувањето на веста во Осло, реагираше со задоволство. Нобеловиот комитет донесе „мудро решение“ изјави портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт. Тој додаде дека пораката што ја испраќа доделувањето е дека жените се „голема надеж“ за помирен и подобар развој во Африка, во арапските земји и насекаде во светот.
Нобеловата награда за мир ќе биде врачена на 10 декември. Таа се доделува во Осло од 1901 година. Меѓу добитниците на оваа награда се вбројуваат и Барак Обама, Мајка Тереза, Амнести Интернешенал и други.
Автор: ЕМФ/ дпа/ ртре/ кна
Редактор: Александра Трајковска