Нобеловата награда за мир за Малала Јусафзаи и Каилаш Сатиарти
10 октомври 2014Пакистанката Малала, која со 17 години стана најмладата добитничка на наградата, беше нападната и застрелана в глава од талибанците во 2012 година, и оттогаш стана симбол на борбата против угнетувањето на децата и жените.
Сатиарти и Јусафзаи ја добија наградата поради нивната борба против угнетувањето на децата и младите луѓе и за правото на сите деца на образование, соопшти Нобеловиот комитет.
„Нобеловиот комитет смета дека е важно за еден хинду и муслиман, Индиец и Пакистанец, да се придружат на заедничката борба за образование и против екстремизмот“, изјави Торбјорн Јагланд, шеф на норвешкиот Нобелов комитет.
„Според проценките, денес во светот има околу 168 милиони деца- работници. Во 2000-та година таа бројка беше повисока за 78 милиони. Светот е се поблиску до целта за елиминација на детскиот труд“, рече Јагланд.
„И покрај нејзината младост, Малала покажа со пример дека децата и младите луѓе ширум светот можат да придонесат за подобрување на нивната ситуација. Таа го стори тоа под најопасни околности“.
„Каилаш Сатиарти е човек кој застана на чело на борбата против детскиот труд, предводејќи маршеви во неговата татковина Индија и во други делови од светот“, рече Јагланд.
Сатиарти предводеше различни форми на мирни протести и демонстрации, фокусирајќи се на експлоатацијата на децата за финансиска корист.
Малала Јусафзаи беше нападната во 2012 година во училишен автобус во долината Сват во северозападен Пакистан од страна на маскирани напаѓачи како казна поради блогот кој почна да го пишува за Урду сервисот на БиБиСи како 11-годишно девојче во рамките на кампањата против обидите на талибанците да им го забранат образованието на жените.
Во неможност да се врати во Пакистан по опоравувањето, Јусафзаи се пресели во Британија, каде го формираше Малала фондот кој поддржува групи кои се залагаат за локалното образование во Пакистан, Нигерија, Јордан, Сирија и Кенија.
Наградата, вредна околу 1,1 милиони долари, ќе им биде врачена на добитниците на церемонијата во Осло која традиционално се одржува на 10 декември- на годишнината од смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел.