1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата награда за мир за Муквеге и Мурад

ЕМФ /агенции
5 октомври 2018

Лекарот од Конго, Денис Муквеге и ирачката активистка за човекови права Надја Мурад се добитници на годинешната Нобелова награда за мир.

https://p.dw.com/p/361Sp
Friedensnobelpreis Medaille
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roald

Двајцата добитници се наградени за својот ангажман против сексуалното насилство како оружје во војните и вооружените конфликти, соопшти денеска во Осло норвешкиот Нобелов комитет.

Надја Мурад е специјална амбасадорка на ОН, која од страна на милитантната исламистичка организација Исламска држава (ИД) била претворена во робинка и силувана. Мурад сега живее во Германија и се залага за кривично гонење на извршителите на ИД-злосторства.

Friedensnobelpreis Nadia Murad
Надја МурадФотографија: Getty Images/AFP/K. Betancur

Таа имала 19 години кога Исламска држава го нападнала нејзиното село во регионот Синџар. Мајка ѝ и шесте браќа биле убиени, а Надја била затворена, па продадена. „Русокосите, синооки девојчиња, со светла боја на кожата беа особено барани“, вели Мурад, која им припаѓа на Језидите. Преживеала три месеци во услови, во кои многумина би се откажале. Младата девојка на мачителите им избегала додека купувала бурка. За да избега во курдскиот регион ѝ помогнало муслиманско семејство. Оттаму потоа се префрлила во Германија, во покраината Баден Виртемберг, каде живее и денес. Мурад отворено зборува за она што го преживеала, а нејзината работа како активистка за човекови права ѝ помага, меѓу другото, и за обработка на ужасот низ кој минала. 

Лекарот Денис Муквеге со години важи за водечки експерт во светот за третман на повреди од групни силувања и е активист против сексуалното насилство.

Friedensnobelpreis Denis Mukwege
Денис МуквегеФотографија: Getty Images/V. Boyko

Тој во 1999 година ја основа болницата Панзи, во Букаву, на истокот на Конго. За време на војната од крајот на 1990-тите и по нејзиното завршување, во неговата клиника доаѓале сѐ повеќе жртви на сексуално насилство. „Беше вистински кошмар“, вели лекарот, кој заедно со својот тим лекувал над 50.000 жени. Гинекологот Муквеге е не само лекар, туку и активист кој се бори за тоа сексуалното насилство да престане да се употребува како оружје во војни. Тоа го чинело речиси живот. Во 2012 година вооружени напаѓачи упаднале во неговиот дом во Букаву и убиле негов пријател. „Тоа беше најтешкиот момент во мојот живот“, вели лекарот, кој и денес со својот тим е изложен на големи опасности. 

Петчленото норвешко жири годинава бираше меѓу 216 личности и 115 организации. Нобеловата награда за мир, годинава дотирана со 9 милиони шведски круни, или околу 860.000 евра, е единствената Нобелова награда која не се доделува во Стокхолм, туку во Осло.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи