Нобеловата награда за литература за Патрик Модиано
9 октомври 2014Шведската академија оцени дека Модиано треба да ја добие престижната награда „поради уметноста на сеќавањето со која ги опишал непоимливите човекови судбини и го раскажал вистинскиот живот за време на окупацијата“.
69-годишниот Модиано, чија новела „Исчезната личност“ ја доби престижната награда „Гонкур“ во 1978 година, е роден во западно париско предградие два месеца по завршувањето на Втората светска војна, во јули 1945 година.
Неговиот татко имал италијанско-еврејско потекло, а со неговата мајка Белгијка се сретнал за време на окупацијата на Париз, која го инспирирала пишувањето на Модиано.
Еврејството, нацистичката окупација и губењето на идентитетот се теми кои постојано се појавуваат во неговите новели, во кои спаѓа и делото од 1968 година „Местото на ѕвездата“, кое во Германија беше прогласено за врвно дело во периодот по холокаустот.
Модиано, кој живее во Париз, често ги одбива медиумите и ретко дава интервјуа. Во 2012 година ја доби и Австриската државна награда за Европска литература.
Минатата година Нобеловата награда за литература и‘ припадна на канадската авторка Алис Мунро.
Утре, 10 октомври, Нобеловиот комитет треба да го објави добитникот на наградата за мир, а в понеделник ќе биде соопштено името и на последниот овогодишен лауреат, добитникот на наградата за економија.
Доделувањето на наградите традиционално ќе се одржи на 10 декември, денот кога во 1896 година починал Алфред Нобел.