1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата награда за економија за Жан Тирол

Б. Георгиевски/дв/дпа/ртр13 октомври 2014

Французинот Тирол, од Универзитетот Капитол во Тулуз е добитник на годинешната Нобелова награда за економија. За првпат од 1999 година нема Американец меѓу добитниците.

https://p.dw.com/p/1DUyK
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Toulouse School of Economics

Нобеловата награда за економија годинава му припадна на францускиот економист Жан Тирол за неговите анализи на моќта на пазарот и регулацијата, соопшти Шведската кралска академија во Стокхолм.

„Жан Тирол е еден од највлијателните економисти на нашето доба“, соопшти Академијата. „Тој имаше важен придонес во теоретските истражувања во повеќе сфери, но пред сѐ тој објасни како да се разберат и регулираат индустриите со неколку моќни фирми“.

61-годишниот научник роден во Троа, изјави дека е „многу почестен“ и „трогнат“ по добивањето на наградата.

За разлика од претходните години, кога наградата честопати ја делеа повеќе научници, Тирол е единствен добитник годинава. Тирол е научен директор на Индустриско економскиот институт на Школата за економија во Тулуз, каде ги разви своите идеи за влијанието на регулативата врз индустриските организации, користејќи теорија на игри.

Неговото истражување покажа дека пазарната регулатива треба внимателно да биде адаптирана на условите во специфичните индустрии, наместо да се воведува генерална регулатива како ограничување на цените, која може да предизвика повеќе штета отколку корист.

„Од средината на 1980-те наваму, Жан Тирол вдахна нов живот во истражувањето на пазарните неуспеси“, соопшти Академијата, додавајќи дека неговата работа имала силно влијание врз односот на државите кон спојувањето на картелите и регулацијата на монополите.

Во неговата книга „Теорија на корпоративните финансии“, Тирол ја унапреди теоријата за функционирањето на корпорациите во модерниот свет. Врз основа на забелешките во неговата книга „владите можат подобро да ги охрабруваат моќните компании да станат попродуктивни и во исто време да ги спречат да им наштетуваат на ривалите и на потрошувачите“, оценува Академијата.

Нобеловата награда за економија, официјално позната како Шведска Риксбанк награда за економски науки во чест на Алфред Нобел, не беше една од оригиналните награди востановени од шведскиот индустријалец Алфред Нобел во неговиот тестамент од 1895 година. Беше воведена во 1968 година од Шведската централна банка - Риксбанк на нејзината 300. годишнина. Досега, околу 85 проценти од нејзините добитници беа Американци. Во 2009 година Елинор Остром стана првата жена добитничка на наградата. Меѓу претходните добитници се среќаваат имињата на славни економисти како Милтон Фридман, Пол Кругман, Фридрих Аугуст фон Хајек и Јозеф Штиглиц.