Нобелова награда за хемија за поправка на „кодот на животот“
7 октомври 2020Работејќи од двете страни на Атлантикот, Французинката Емануел Шарпентие и Американката Џенифер Дудна развија метод познат како CRISPR-cas9 кој може да се искористи за менување на ДНК на животни, растенија и микроорганизми.
По четврти пат во 119-годишната историја на наградата, Нобелот за наука им се доделува исклучиво на жени.
Достигнувањето на Шарпентие и Дудна овозможува да се прават кратења на делчиња од ДНК кои го сочинуваат ткн. код на животот, што им овозможува на научниците прецизно да менуваат одредени гени и да исфрлаат евентуални грешки во нив кои водат кон болести.
„Има огромна моќ во оваа генетска алатка“, рече Клаес Густафсон, претседател на Нобеловиот комитет за хемија. „Не само што се револуционизира основната наука, но исто така овозможува иновативни растенија и ќе води до нови медицински третмани“.
Повеќе од 100 клинички тестови се во тек со цел да се студира користењето на CRISPR во третманот на наследните болести. Истовремено, се предупредува и дека новата технологија отвора сериозни етички прашања и мора да се користи внимателно.
„Можноста селективно да се менуваат гените значи дека, на некој начин, си играте Господ“, изјави претседателот на американското Друштво на хемичари Луис Ешегојен.
Три жени досега беа единствени добитнички на Нобеловата награда за научна дисциплина. Марија Кири во 1911 и Дороти Кроуфут Хоџкин во 1963 за хемија, и Барбара Меклинтон во 1983 за медицина.